Нов сет на мерки за ублажување на последиците од светската економска криза најави вицепремиерот Зоран Ставрески. Во интервју за скопската телевизија Канал 5+, Ставрески рече дека во мај владата ќе предложи ребаланс на буџетот и намалување на расходите. Ставрески најави и директна поддршка на малите и средните претпријатија за кои, како што кажа е обезбедена кредитна линија од Европската инвестициона банка во висина од 50 милиони евра, додека преку изградба на инфраструктурни објекти ќе се обезбеди ангажман за домашните градежни компании.

Ставрески вели дека сите треба да го затегнат ременот и владата и стопанството, но и граѓаните. „Кризата нема да не одмине и секој треба да троши според можностите“, рече вицепремиерот. Тој истакна дека Македонија треба да продолжи со реформите и подготвено да го дочека крајот на економската криза, затоа што само така ќе може да ги привлече инвеститорите, во спротивно тие ќе ја одминат земјата, рече Ставрески.

Ohridnews