На седницата на Владата што се одржува во Охрид, денеска и претходеа теренски активности на техничкиот премиер и дел од министрите. Тие посетија неколку фабрики во Охридско-струшкиот регион.

Претседателот на Владата Оливер Спасовски и министерката без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска, придружувани од градоначалникот на Општина Охрид, Константин Георгиески и директорот на Царинската управ, Ѓоко Танасоски, ја посетија ЛТХ Леарница, компанија со словенечки капитал која се занимава со леење и машинска обработка на алуминиумски компоненти наменети за автомобилската индустрија. Во 2018 година компанијата започнува нова инвестиција од 15,3 милиони евра, со кој се прошируваат производствените капацитети и постоечките 500 работни места ќе се надополнат со 58 нови работни места.

Разговаравме, колку е важно партнерството помеѓу бизнис заедницата и Владата, помеѓу работодавачите и работниците, тоа партнерство дава резултати. Успешно е тоа што нудиме финансиска поддршка во делот на производството, таа можност ја користи и ЛТХ Леарница.  – рече Спасовски.

Заменик претседателката на Владата задолжена за економски прашања Мила Царовска, пак,денеска ја посети компанијата ОДВ Електрик каде ученици од техничкото средно училиште “Св. Наум Охридски” посетуваат пракса како дел од дуалното образование.

Овде денеска можевме да видиме како се тестира моделот за усогласување на побаруваните занимања и гледам дека покажува одлични резултати. Од вкупно 40.000 ученици во средно образование само 15.000 се во техничките училишта и сметам дека треба да работиме на зголемување на оваа бројка. – рече Царовска.

Директорот на ОДВ Електрик Огнен Цубалевски рече дека со практикување на дуалното образование се креира нова деловна клима и се помага во создавање на нови деловни навики.

Секоја општествено одговорна компанија треба да инвестира во младите луѓе, и со тоа да влијае врз подобрување на демографските процеси. – истакна Цубалески..

Директорот на Општинскиот електро-машински центар “Св. Наум Охридски” во Охрид, едно од техничките училишта во кои се спроведува дуалното образование Сашо Недески изјави дека со индустрискиот раст и развој на овој регион се наметна потреба од стручна работна сила и образовниот систем кој треба да се вклопи во производството.

Учениците со задоволство доаѓаат да ја посетуваат практичната настава во оваа и во другите компании, а наставните планови и програми се прилагодени на потребите на компаниите. –  рече Недески.

Како што информира Владата, во целиот процес на дуално образование во 5 града низ државата и 10 компании се вклучени вкупно 250 ученици, од кои само годинава се запишани 135 ученици.

OhridNews
Фото: Влада