Владата ќе им излезе во пресрет на угостителите, беше заклучено на денешниот состанок на министерката за финансии, Нина Ангеловска, министерот за економија, Крешник Бектеши и претставници на кластерите за угостителство при стопанските комори.
Министерката за финансии, Ангеловска, рече дека се отворени за брза комуникација, да ги објаснат, но и прилагодат мерките за да се излезе во пресрет на барањата на реалниот сектор. Таа посочи дека се направени промени во уредбата за мерката плата 14.500 денари по вработен за мали и микро претпријатија со која се овозможува сопственикот и управителот ако се вработени во фирмата да можат да аплицираат за мерката. Исто така, покрај овој услов беше променет и условот 2 месеца наместо 4 како што беше претходно, да се задржи истиот број вработени по користењето на истата.
- Дополнителна дилема што ја расчистивме е за кои работници може да се користи оваа мерка. Мерката може да ја користи секоја компанија која има пад од повеќе од 30% од приходите за сите работници кои имаат плата под 39.900 денари и кои користат активни ослободувања од придонеси и персонален данок, односно за работодавачи кои користат целосно ослободување од придонеси од проектите „Македонија вработува 1 и 2“. Не се работи за мерката за покачување на платите која беше лансирана минатата година. Ако ја искористиле мерката за субвенционирање придонеси за покачување плата може да ја користат и оваа мерка – рече Ангеловска.
Таа најави дека Развојната банка наскоро ќе ја пушти втората кредитна линија од 8 милиони евра и кредитите ќе изнесуваат 90.000 евра согласно бројот на вработени. Истата ќе биде отворена за трите погодени сектори, но и за сите останати сектори погодени од кризата.
Министерот Бектеши информира дека состанокот со туристичко-угостителскиот сектор бил многу конструктивен, бидејќи се отвориле прашања за нивни дополнителни барања со цел полесно користење на владините мерки за поддршка на бизнисот погоден од здравствено економската криза предизвикана од коронавирусот.
- Министерството за економија веќе има обезбедено средства за директна поддршка на овој сектор преку Фондот за туризам, кој веќе е основан, но ќе биде активен по завршување на кризата, односно во периодот на опоравување. Тој ќе биде насочен кон директна поддршка на туристичкиот сектор и во моментов се обезбедени 95 милиони евра, средства кои е предвидено да се зголемат во наредниот период во согласност со штетите што ќе ги претрпат овие компании. Во понеделник очекуваме дополнителни предлози и насоки од туристичко – угостителскиот сектор за тоа во која насока е најлесно да се користат мерките од нивна страна, кои ќе бидат разгледани во вторник на состанокот на Координативното тело, по што, ако има потреба, ќе бидат донесени дополнителни мерки – истакна Бектеши.
Угостителите задоволни што се иницирала средба во насока на решавање на несогласувањата.
- Во делот на новите уредби што ги донесе Владата, таа покажа позитивен чекор за некои од работите кои ние ги укажувавме и тоа е добар чекор, и се надевам дека соработката ќе продолжи на тој начин и понатаму. Ни фалеше ваков конструктивен дијалог. Ќе се потрудиме да ги пренесеме нашите мерки најдобро што можеме и сакам да нагласам дека приматот го ставаме на тоа како да ги задржиме нашите вработени и како да добиеме најмногу средства за нив – рече Мартин Ангеловски, претставник на угостителскиот сектор.
OhridNews