Владата со предлог измени на повеќе закони ќе ја дисциплинира јавната администрација, јавува „Макфакс“.

Првата измена се однесува на постапката за вработување на јавните службеници. Во насока на подобрување на постапката за селекција и вработување се воведува т.н психолошки тест и тест за интегритет, кој ќе го полагаат само избраните службеници во јавната администрација, односно оние кои ги положиле стручните тестови или оние кои сакаат да напредуваат. Доколку пријавениот службеник ги положил сите стручни тестови, но не го положил психолошкиот тест или тестот за интегритет, тогаш ќе биде дисквалификуван. Со ова треба да се докаже дека идните вработени ќе бидат психолошки здрави личности и чиј интегритет е доволно висок за да  станат дел од државната администрација.

Со измените, се воведува обврска за пробна работа на службениците во времетраење од една година, а ќе се однесува на лицата кои за прв пат се вработуваат или се пријавуваат за работа на повисоко место.

Во иднина, доколку некои граѓани имаат потреба да извадат документ, ќе треба  да поднесат само барање до институцијата која ја издава службената исправа, а потоа самата институција ќе има обврска сама да ги собере сите останати документи од другите институции по службена должност и да им го издаде на граѓаните документот. Доколку не се електронски поврзани, документите ќе ги собираат преку пошта или курир. Се очекува за неколку месеци сите институции да бидат електронски поврзани.

Со овие измени владата има за цел да создаде ефикасна и професионална администрација која ќе им служи на граѓаните.

OhridNews
извор: Makfaks