Владата го намали буџетот за 4 милијарди и 700 милиони денари (76,4 милиони евра) и ги намали платите на премиерот и министрите за 10 отсто, соопшти денеска во Скопје вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставревски.

Со ребалансот на буџетот не е предвидено зголемување на даноците и намалување на платите во јавниот сектор и се обезбедува 3,5 милијарди денари за здравство, пензискиот фонд и социјалната помош.

„Вкупниот износ на средства што се заштедени со ребалансот на буџетот на бруто основа изнесува околу 8 милијарди а на нето основа  4 милијарди и 700 милиони денари, најголемите заштеди се направени кај стоки и услуги од 1 милијарда и капитални инвестиции каде што кратењето изнесува 5 милијарди и 220 милиони денари”, изјави министерот за финансии Зоран Ставревски.

Владата донесе и нови мерки за штедење, се укинуваат дневниците за патување во земјата, за 30% се намалуваат дневниците за патувања во странство до 2011 година, министрите целосно се откажаа од дневниците за патување во странство .

„Со ребалансот ќе се намалат платите на премиерот, министрите и избраните државни функционери за 10%  во 2010 и 2011 година, а во јавните претпријатија нема да се доделуваат К-15 и награди до крајот на 2011”, рече Ставревски.

Исто така се намалува лимитот до 30%  на мобилните и фиксните телефони за 2010 и 2011 година, а јавните претпријатија добивката ќе ја уплаќаат во буџетот. Со пакетот на мерки за штедење предвидено е  намалување на апанажата и замрзнување на платите во јавниот сектор до септември 2012 година.

Владата нема да стопира ниту еден од започнатите проекти, но значително ќе ја забави динамиката на реализација на некои од нив.

OhridNews
Извор:” Макфакс”