Премиерот Никола Груевски и вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски вчера ги претставија новите антикризни мерки, кои како што истакна, Премиерот претставуваат континуитет во водењето на економските политики на Владата и се преземаат како одговор на предизвиците кои доаѓаат од светската економска криза.
„Новиот пакет мерки е пред се резултат на еден многу сериозен и континуиран дијалог меѓу владините институции и институции од бизнис секторот“, укажа премиерот Груевски.
Тој рече дека станува збор за пакет од над 20 мерки кои се од областите на даночната, кредитната, земјишната политика, од областа на земјоделството, градежништвото како и мерки од областа на регулаторната гилотина и дека најголем дел од овие мерки се однесуваат на сите они кои што се занимаваат со бизнис.
„Измената на законот за ДДВ со која фирмите наместо на 15ти во месецот ќе можат да ги плаќаат обврските на 25-от ден од месецот со што ќе се подобри управувањето со нивната ликвидност, намалување на надоместокот за приватизација на градежно земјиште кај правните лица за 30 отсто, измена во законот за денационализација со која управната постапка ќе завршува со одлука за конечност на второстепената комисија со што ќе се забрза процесот на денационализација“, се дел од мерките на новиот пакет антикризни мерки кои ги посочи Груевски.
Исто така дел од мерките се и подобрување на условите за користење на кредитната линија од Европската Инвестициона Банка и Македонската банка за поддршка на развојот, воведување нова кредитна линија за поддршка на микро, мали и средни трговски друштва, спречување на увозот на производи кои не се според светските стандарди со цел заштита на домашните производители и потрошувачи од несоодветна конкуренција, воспоставување фонд за земјоделско земјиште наменет за доделување на земјиште на невработени лица кои живеат во руралните средини, кои исто така ќе можат да добијат и дел од земјоделската механизација, ќе се скратат и забрзаат повеќе постапки во делот на градежништвото и.т.н.
„Сигурен сум дека ова што се предлага во голема мерка ќе има позитивни ефекти не само на краток рок за стимулирање на растот и развојот во земјата и подобрување на квалитетот на живеење на сите граѓани, како и подигнување на конкурентноста на македонската економија, туку и долгорочно“, заклучи премиерот Груевски.
извор: „Макфакс“