Владата на денешната 82-ра седница го усвои Протоколот за постапување на основните училишта за реализација на воспитно-образовниот процес со физичко присуство на учениците во учебната 2020/2021 година и Протоколот за постапување на средните училишта за реализација на воспитно-образовниот процес со физичко присуство на учениците во учебната 2020/2021 година.
Во рамките на заклучоците по оваа точка, Владата го задолжи Министерството за образование и наука да го промени календарот за учебната 2020/2021 година со што наставниот процес наместо на 1-ви септември да започне на 1-ви октомври 2020 година.
Владата исто така донесе одлука за формирање на работна група во којашто ќе учествуваат претставници од Министерството за здравство, Министерството за образование и наука и од Канцеларијата на премиерот. Оваа работна група ќе ја следи состојбата и ќе дава мислење за подготвеноста на основните и средните училишта за спроведување на наставата во услови на КОВИД-19 по поднесени барања од страна на основачот на училиштето за организирање на настава со физичко присуство, како исклучок од задолжителната онлајн настава за учениците од четврто одделение во основното образование и за учениците до четврта година во средното.
На денешната седница Владата го прифати мислењето на Комисијата за заразни болести да не се прифатат барањата за измени на Протоколот за работата на угостителските објекти, односно да остане забраната за организирање свечености со музика (свадби, матурски, крштевки и слично), со цел спречување на ширење на вирусот.
OhridNews