Владата ги спушти критериумите за изградба на луксузен хотел на охридската ривиера.

Министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, најави дека меѓу 160-те локации кои државата вчера ги стави на продажба, три се во Охрид. На една од нив предвидено е да се изгради елитен хотел, за што на претходно распишаните тендери немаше интерес од странските инвеститори. Поради тоа владата ги намали критериумите за продажба на атрактивното државно градежно земјиште во Охрид, за кое сега ќе може да конкурираат хотелски синџири кои поседуваат минимум 5 хотели. Оваа локација се наоѓа во комплексот Горица, веднаш до хотелот „Инекс“. Таа е  влезена во Деталниот урбанистички план за крајбрежјето и не постои правна пречка за нејзина продажба.

Почетната цена за наддавање е 9.500 денари за метар квадратен, што е најниска цена утвредена согласно важечките правилници, а пријавите со потврда за исполнување на условите за учество во јавното надавање треба да се достават најдоцна до 15 јуни на адресата на Министерството за транспорт и врски. Наддавањето ќе се одржи на 25 јуни. Учесникот кој ќе понуди највисока цена ќе биде избран за најповолен понудувач. Клучен услов ќе биде објектот да биде изграден во рок од 24 месеци од добивањето на дозволата за градба која пак треба да биде издадена најдоцна шест месеци од склучувањето ан договорот за отуѓувањето на земјиштето, соопшти Министерството за транспорт.

Министерството за транспорт најави дека во Охрид е предвидена изградба на хотели уште на две локации.

Ohridnews