Скратен полициски час, работа на угостителските објекти во отворените делови до 23:30 часот и отпочнување со работа на вежбалните, фитнес центрите и теретаните, се дел од олабавените рестриктивни мерки што Главниот координативен кризен штаб и ги препорача на Владата, а таа треба да ги разгледа и да ги усвои на денешната седница.
Новите мерки би важеле од 12 до 18 мај, а се донесени на предлог на Комисијата за заразни болести врз основа на епидемиолошката состојба, намалувањето на бројот на хоспитализирани и бројот на заразени лица.
Според новите мерки што се предлагаат, полицискиот час ќе трае од 24:00 часот до 05:00 часот и се дозволува користење на годишен одмор за здравствените работници. Ивентите и настаните ќе се одржуваат согласно наменските протоколи, со исполнетост до 30 проценти од капацитетот на затворениот простор, а се зголемува и бројот на деца кои може да се згрижат во една група во градинките, односно од 15 на 20 деца.
Вчера министерот Венко Филипче истакна дека се уште е рано за да се даде општа препорака за маските да не се носат на отворено. Тој во одговор на новинарско прашање, рече дека за се разговарало вчера, но, оти заклучокот е дека треба да се причека уште недела или две за една ваква мерка.
Следниот чекор би бил, но, сè уште е рано да кажеме кога би било тоа, да се носат маските како претходно, односно само во група надвор. Засега е рано. Тоа ќе биде следно за што ќе разговаравме. Утрово инициравме дискусија и заклучокот е дека треба да почекаме уште недела или две, рече Филипче.
Според него, засега е рано и да се организираат свадби и концерти.
Сè уште не се дозволени концертите и свадбите бидејќи стравуваме дека во овие случаи може да се намали дистанцата меѓу луѓето кои се присутни и затоа одиме постепено. Ако продолжат трендовите, ќе бидат дозволени и концертите, нагласи Филипче.
Новите предлози за олабавување на рестриктивните мерки, како што изјави, се поради трендот на намалување на бројот на новозазарени и значителното празнење на болничките капацитети.
Една од мерките кои се очекува да ги донесе денеска Владата е зголемување на бројот на децата во групите во градинките.
Ние цениме дека состојбата во градинките е добра. Заради притисокот од родителите, и потребата да се вратат децата во градинки, но и заради безбедната епидемиолошка состојба, ние упативме допис врз основа на кој Комисијата за заразни болести препорача на Кризниот штаб бројот на деца кои ќе бидат во градинки да се зголеми од 15 на 20, рече вчера министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, која изрази очекување дека мерката ќе биде усвоена на денешната седница на Владата.
Министерката Шахпаска во одговор на новинарско прашање околу состојбата во градинките, посочи дека состојбата е добра, има само нови 11 вработени позитивни и само две позитивни дечиња. Таа информира дека од 21.480 слободни места според протоколите, 15.400 деца веќе се во градинките.
OhridNews