Владата внимателно ќе го разгледа предлогот на Европската енергетска заедница – ЕЕЗ, за намалување на ДДВ-то за електрична енергија од 18% на 5%, со што би се амортизирал ударот од поскапувањето на струјата, што се случи летово.
Премиерот Заев вели дека за него е прифатливо се што е во интерес на граѓаните, но ќе треба да се направат пресметки во владата што ќе значи таквата мерка за економската стабилност на државата и изворите за помош на стопанството.
Овој предлог е вреден за разгледување. Но, ќе мора внимателно да го разгледаме и да видиме каков импакт ќе има, затоа што ќе треба да и помагаме на економијата и со петти и шести пакет. Во консултација со економските министри Владата ќе го разгледа сериозно овој предлог. – изјави премиерот Заев.
Со последното поскапување, цената на струјата порасна за 7, 4 %, што ги зголеми сметките на граѓаните за потрошена електрична енергија. Тоа предизвика серија граѓански протести во повеќе градови во земјата, а подоцна протест против поскапувањето на струјата организираше и опозицијата. Освен ЕЕЗ, предлог за намалување на ДДВ-то за електричната енергија имаше и од Регулаторната комисија за енергетика.
Г.М.