Зголемување на инвестициите во јавниот и приватниот сектор за 4 милијарди евра во наредните пет години со мобилизирање на дополнителни 8 милијарди евра со инвестиции од приватен сектор, зголемување на просечната стапка на просечниот раст од 2, 5 % на 5 % годишна стапка на раст и обезбедување на фискална консолидација односно намалување на буџетскиот дефицит и јавниот долг, се главните таргети кои треба да се исполнат со Планот за забрзан економски раст 2022-2026 што денеска беше усвоен на Владина седница.

Преку новиот План, покрај планираните 4 милијарди евра буџетски пари се планира мобилизирање на повеќе средства и инвестиции од страна на приватниот сектор преку ИПА фондови и меѓународни финансиски институции.

Планот ќе подржи инвестициски проекти во јавниот и приватниот сектор кој ќе значат подобрување на конкурентноста на економијата и подобрување на квалитетот на животот, а ќе се концентрирани во повеќе приоритетни области како зелена економија, дигитализација, иновации и технолошки развој, човечки капитал, физичка инфраструктура и социјална кохезија, истакна премиерот Заев презентирајќи го Планот за забрзан економски раст.

Тој посочи дека  Планот е комплементарен и усогласен со Буџетот за 2022 година кој е во завршна фаза како и со  останатите стратешки документи на Владата.

Од особена важност за постигнување на економска стабилност се капиталните инвестиции кои годинава во однос минатата година бележат реализација од 57,4 проценти, Со планот се предвидува и зголемување на  просечниот економски раст од 2,5 проценти, колку што изнесуваше во изминатите 10 години, на 5 проценти просечно во наредните 5 години. Предвидено е и намалување на невработеноста на 8,6 проценти до 2026 година од моментални 15,9 отсто.

Преку КАПЕФ механизмот, кој е од неодамна воспоставен, се проценува дека може да се генерираат дополнителни 1,5 милијарди евра капитални расходи во периодот 2022-2026 година. Планот е приказ на изворите на финансирање, областите и секторите во кои ќе се инвестира, финансиски инструменти атрактивни за инвеститорите, целосна мапа за реализација на истиот, но и мерки за реализација и ублажување и управување со евентуалните ризици при имплементација, рече Заев.

Министерот за финансии Фатмир Бесими истакна дека заедно со Владата имаат амбициозна цел да го поддржат економското закрепнување по пандемијата, а заложбите се за двоен економски раст во однос на последните 10 години. Како што вели Бесими станува збор за акциски план со прецизни рокови на реализација

Во однос на новите инструменти за буџетско финансирање, предвидени се развојни обврзници преку кои ќе се обезбеди финансирање на развојни проекти од национално значење, потоа проектни обврзници кои ќе се нудат за да поттикнат инвеститори да се вклучат во финансирање на поспецифични развојни проекти, како и обврзници индексирани за инфлација кои ќе бидат еден вид на долгорочни државни хартии од вредност издадени од Министерството за финансии.Средствата што ќе бидат обезбедени преку овие обврзници, ќе одат за инвестиции за јавниот сектор, вели Бесими.

Планирано е да бидат емитувани и првите зелени обврзници со цел да се обезбеди зголемено финансирање за подобра енергетската ефикасност, намалување на загадувањето, олеснување на управувањето со отпадот, поддршка на одржливото земјоделство и многу други еколошки прифатливи проект.

Очекувани резултати од Планот се раст на реален БДП, намалување на буџетскиот дефицит на 2,2 отсто до 2026 година, намалување на јавниот долг во износ од 57,7 отсто од БДП, зголемување на бруто инвестициите за 36,2 отсто, номинален раст на нето плати во износ од 4,2 отсто до 2026 година и намалување на стапката на невработеност потенцираше Бесими.

 

К.А.