Владата донесе одлука за основање Туристичка развојна зона „Љубаништа 1“ на брегот на Охридското Езеро, во близина на манастирскиот комплекс „Свети Наум“, со што се отвара патот за реализација на туристичкиот комплекс Љубаништа, пишува „Дневник“. Според првичните најави во туристичкиот комплекс треба да има елитен хотел, луксузни вили, голф терен и марина.
Владината одлука е веќе објавена во Службен весник, а наскоро може да се очекува да се распише јавен повик за продажба на државното земјиште со површина од 18 хектари со јавна лицитација по пат на електронско наддавање.
Согласно законот за туристичко развојни зони, работите поврзани со формирањето, развојот и следењето на зоната во име на Владата ги врши Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, а државата на поволните домашни и странски вложувачи ќе им обезбеди дополнителни поволности. Така идниот инвеститор во туристичко развојната зона во Љубаништа ќе биде ослободен од плаќање на персонален данок на доход по основа на плати на вработените лица за период од 10 години, од кога ќе почне да функционира зоната. Покрај тоа во периодот од издавање на дозволата за градење се до издавање на одобрението за употреба, инвеститорот ќе биде осободен од плаќање на ДДВ за градежни материјали, а и од царина за увоз на градежни материјали.
Обврски на инвеститорот, односно на корисникот на зоната ќе биде да извади одобрение за градење во рок од 12 месеци од извршената солемнизација на договорот, а објектите да ги изгради за 72 месеци или 6 години од правосилноста на одобрението за градење. Воодено ќе се дефинираат и минималниот број на објекти што ќе мора да се изградат.
„Дневник“ пишува дека со оглед дека изградбата и изведувањето на работите за основање и работење на туристичките развојни зони е од јавен интерес, за земјиштето што е приватна сопственост ќе се врши експропријација и државата ќе го плати по проценета пазарна вредност.
Според најавите, во Македонија се планира изградба на девет туристички развојни зони од кои три во Љубаништа 1,2 и 3 и по една во Калишта, Попов Шапка, Кожув, Дојран, Отешево и Стење.
OhridNews
Извор:„Дневник“