Владата одлучи од утре до 22 март да биде воведен полициски час што ќе трае од 22 часот вечерта до 05 часот наутро, информираше премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција и апелираше до граѓаните максимално почитување на одлуките. Најави и засилени контроли од страна на МВР и на сите соодветни инспекциски служби затоа што, како што рече, очигледно граѓаните се опуштија во делот на носење маска, дезинфекција, негрупирање, а бројот заразени граѓани алармира дека итно мора да се преземе ништо.

Се очекува угостителските објакти – рестораните, строго да ги почитуваат мерките и за тоа се дадени посебни инструкции за позасилени контроли. Целта е, нагласи премиерот Заев, државата да продолжи економски да живее, а да ги „паркираме“ младите кои се најголеми пренесувачи на заразата, незнаејќи некогаш дека се заразени од Ковид 19, но и за стабилизирање и намалување на растот на бројките евидентен во последните денови.

Стоиме целосно подготвени да се држат седници на Влада и навечер и преку ден затоа што има онлајн седници, за да носиме соодветни одлуки за да може успешно да се спроведе полицискиот час од 22 часот до пет наутро, истакна премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција на која го презентираше документот Агенда „Европа дома“.

Заев најави дека ќе се следи состојбата, имајќи предвид дека во април следуваат рамазанските пости и други празници, но одлуката, истакна, има и превентивна улога заради зголемувањето на бројките на заразени.

Донесени се и мерки за задолжителен домашен карантин на странски и наши граѓани кои се враќаат од Африка, да се обезбеди соодветен објект за државен карантин.

Министерот за здравство Венко Филипче вчера изјави дека анализите на Комисијата покажале дека поради непочитување на мерките се очекуваат нови случаи на заразени, но и зголемен број на хоспитализирани.

Инциденцата најмногу е зголемена во Скопје, Кавадарци, Неготино, Прилеп и во Охрид. Тоа се реперкуира на начин што има зголемен прилив на пациенти во болниците. Во Кавадарци е целосно исполнето Инфективното и дополнителните одделенија и почна да работи и модуларната болница. Исто е во Прилеп, а во Скопје секојдневно има се поголем број случаи кои бараат хоспитализација и затоа во функција се врати модуларната болница до Инфективната клиника и повторно се спремни сега сите интерни клиники, изјави Филипче.

Денеска, и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, запрашан дали полицискиот час ќе ги даде очекуваните резултати, рече дека иако рестриктивните мерки не се популарни, сепак се неопходни за да се сочува јавното здравје.

Подобро е пократко време да имаме рестриктивни мерки, отколку да имаме целосно оптоварување на здравствениот систем, изјави Спасовски.

OhridNews