Владата денеска на седница треба да одлучува по предлогот на Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести за воведување полициски час од 22:00 часот навечер до 05:00 наутро на територија на цела држава. Комисијата оценува дека ваквата ригорозна мерка ќе има ефект, а засега предлогот е да трае две недели, колку еден епидемиолошки циклус. Анализите покажуваат дека расте бројот на заразени и ќе расте и бројот на хоспитализација.

Министерстeрот за здравство Венко Филипче, по предлог на Комисијата за заразни болести вчера на Главниот координативен кризен штаб предложи воведување полициски час од 22:00 часот навечер до 05:00 часот наутро, на територија на цела држава.

Од Министерството за здравство наведоа дека Комисијата дополнително ќе се произнесе од кој ден да почне полицискиот час и до кога да трае истиот.

Анализите на Комисијата утврдиле дека поради непочитување на мерките, ќе има нови случаи на заразени, но и зголемен број хоспитализирани. Од таа причина Комисијата смета дека една ваква ригорозна мерка ќе има ефект. Владата на утрешната седница ќе треба да се произнесе по предлогот на Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести, стои во соопштението.

Филипче посочи дека се предлага полицискиот час да трае две недели, колку еден епидемиолошки циклус.

Инциденцата најмногу е зголемена во Скопје, Кавадарци, Неготино, Прилеп и во Охрид. Тоа се реперкуира на начин што има зголемен прилив на пациенти во болниците. Во Кавадарци е целосно исполнето Инфективното и дополнителните одделенија и почна да работи и модуларната болница. Исто е во Прилеп, а ние гледаме тука во Скопје има секојдневно се поголем број случаи кои бараат хоспитализација и затоа во функција се врати модуларната болница до Инфективната клиника и повторно се спремни сега сите интерни клиники. Тоа го организиравме денеска во текот на утрото како што беше во ноември, посочи Филипче.

Ударот кон болниците во смисла на прилив на нови пациенти, потенцира министерот, не е така нагол, како што беше на почетокот на ноември и тоа е една значајна разлика без оглед на зголемувањето на инциденцата.

Многу е тешко сега да се каже дали ќе продолжи тој тренд или ќе се достигне некое плато, односно дали бранот кој сега се јавува ќе биде идентичен на тој во ноември. Тука има поделени мислења на епидемиолозите. Но, ние мора да сме внимателни и спремни и во таа смисла препораката на Комисијата за заразни болести е да има ограничување на движењето после 22 часот поради тоа што сметаат дека има групирање после затворање на угостителските објекти без почитување на превентивните мерки на јавни површини, простори итн., додаде Филипче.

Тој рече дека освен предлогот за воведување полициски час засега нема да препорачаат други мерки, како што е одложување на пописот.

Засега не, сакаме да го ублажиме овој тренд на зголемен прием на пациенти кон болниците, така што гледаме и нови мерки и други препораки будно ја следиме состојбата. Засега освен ова не препорачуваме ништо друго, рече Филипче.

Министерот истакна дека нема разлика на она што беше тренд претходно во однос на тежината на болеста Ковид-19 и околу тоа дали повеќе на удар од коронавирусот е помладата популација.

Имаме заразени и во четвртата деценија, но и постари. Нема некоја значајна разлика, нагласи Филипче.

Според него, не може да се каже дека нешто е многу поразлично од тоа што беше пред неколку месеци заради присуството на британскиот вирус во овој бран.

На новинарско прашање дали размислуваат за полициски час, како и лани за време на Рамазанските пости, кои почнуваат во април, Филипче потенцира дека се уште е рано да се каже нешто околу ова.

Тој изјави дека ќе ги имаат предвид и сите други големи настани што се ризик и каде би можело да има масовни собири, па ќе одлучуваат.