Владата денеска преку соопштение реагираше на постапките и изјавите од соседна Бугарија, кои, како што се посочува, не се доживуваат пријателски од македонските граѓани. Од Владата додаваат дека имаат разбирање за внатрешната политичка предизборна состојба во Бугарија и комплицираниот изборен тек, но, сметаат дека тоа не е причина за политички пораки за кампањски потреби кои излегуваат од рамката на европските вредности и принципи за почитување на кој е изграден Договорот за пријателство, добрососедство и соработка. Решавањето на сите отворени прашања, нагласуваат во соопштението, е можно само низ дијалог за кој Северна Македонија е подготвена, но оти е време и Бугарија да ја покаже истата подготвеност.
Со Договорот од 1 август 2017 година, Северна Македонија и Бугарија потпишаа дека ќе обесхрабруваат провокации кои не се во интерес на ниту една страна, дека нема да влегуваат во круг на навреди, обвинувања и говор на омраза, кои не носат ништо добро за никого, а најмалку за македонскиот и за бугарскиот народ, се вели во соопштението од владината прес-служба.
Наместо тоа, се додава, Договорот обврзува да се одржува европски дијалог и да се почитува и применува целосно, вклучувајќи го и темелниот принцип за немешање во внатрешните работи на двете земји.
Остануваме посветени на дијалог со Софија и барање на взаемно прифатливо решение за прашањата што се отворија. Република Северна Македонија покажа максимална проактивност и политичка волја да се доразјаснат одредени дилеми и понудивме одговор на повеќе од покренатите прашања. Континуирано работиме на активна имплементација на договорот. Решенијата не се во минатото, тие се во иднината, а иднината бара дијалог, не монолог за внатрешна употреба. Кога станува збор за земја членка на ЕУ и за земја со потврдено признание дека ги исполнила сите услови за почеток на преговори за членство, дијалогот е единствено решение за билатералните прашања и за изнаоѓање меѓусебно разбирање, се нагласува во соопштението од Владата.
Република Северна Македонија, додаваат од Владата, е подготвена за тој дијалог и време е Бугарија да ја покаже истата подготвеност.
Претходно, лидерот на бугарската партија ГЕРБ и поранешен премиер Бојко Борисов по средбата со претставници на бугарски здруженија во Македонија изјави дека за Бугарија да ја поддржи Северна Македонија, бугарското малцинство мора да биде впишано во Уставот на државата. Од страна на бугарските здруженија во државава, на средбата било истакнато дека „во земјава се чувствуваат како да не постојат“.
Претставници на неколку бугарски здруженија во Македонија, вчера беа примени и од претседателот на Бугарија Румен Радев, кој на средбата посочил дека без соработка со македонските Бугари, Софија не може соодветно да ги заштити нивните права. Тој потсети дека во Договорот за добрососедство меѓу Бугарија и Република Северна Македонија стои дека Софија има право да ги брани правата на македонските Бугари.
OhridNews