Вкупно 763 охриѓани со факултетска диплома се дел од листата на невработени во Агенцијата за вработување заклучно со месец август 2015 година, кога биле евидентирани вкупно 4.583 лица кои активно бараат работа во Охрид.
Според степенот на образование, во август во охридската евиденција на невработени се запишани и 48 магистри и еден доктор на науки. Исто така работа бараат и 163 лица со виша школа и 1.321 лице со средна стручна спрема. Со непотполно средно образование работа немаат 1.006 охриѓани, а невработените со основно образование партиципираат со бројка од 1.281 лице.
Регистарот на Агенцијата за вработување покажува дека повеќе од половината невработени во Охридскиот регион се со навршени 40 години или 2.712 лица. На возраст од 30 до 40 години запишани се 904 невработени лица, а преку Центарот за вработување во Охрид вработување очекуваат и 962 лица, помлади од 30 години. Според половата распределеност, во вкупната бројка на невработени охриѓани, доминират мажите со 2.513 невработени или 443 повеќе од жените, кои во евиденцијата на невработени партиципираат со 2.070 места.
Инаку споредено со податоците од претходната година, вкупната бројка на невработени во август 2015 година е за 425 лица поголема од бројката на невработени охриѓани која била регистрирана во август 2014 и изнесувала 4.158 лица.
OhridNews