Електронскиот попис кој го најави власта е обид да се минира договорот во Пржино, сметаат 46 невладини организации.
Тие ставија потпис на реакцијата испратена на медиумите после најавата, на како што велат, премиерот во оставка Никола Груевски дека веќе е набавена опрема за да се прави попис по електронски пат. За нив оваа изјава е несериозна, неодговорна и има цел да се дефокусира јавноста.
На седница за собраниски прашања премиерот најави дека до декември треба да стигне опремата со која ќе се поврзат институциите со матична евиденција. Софтверот ќе ги собере 70 проценти од податоците за населението, додека останатите 30 проценти ќе мора да се собираат на терен. За невладините ова решение не ги задоволува критериумите за реален попис по меѓународни стандарди.
Невладитните се за попис, но тој да го спроведува новоизбраната влада после претходна поголема подготовка. Инаку, последниот обид за попис беше во 2011 година, но пропадна. Никој јавно не ја кажа причината, иако се потрошија 14 милиони евра. Последниот попис за пребројување на жителите беше во 2002 година, со што Македонија заедно со Сомалија се единствените земји кои не спровеле попис во повеќе од една деценија.
OhridNews
Извор:„Телма“