Вкупно 1750 имигранти од Албанија, Авганистан и од други земји од Блискиот и Среден Исток и Северна Африка ја минале државната граница на Македонија, а десетина од нив загинаа во железнички несреќи и не успеале да стигнат до земјите не Европската Унија коишто се нивна цел. Дел од нив ги фатила полицијата и завршиле во Прифатниот центар во Скопје. Во овој центар лани биле сместени 838 илегални мигранти.

Според податоците на Министерството за внатрешни работи, изминатата 2014 година во областа на илегалната миграција откриени се 92 кривични дела „криумчарење мигранти“, што е за речиси двојно повеќе од претходната 2013 година, а кривично пријавени биле 166 лица.

Полицијата детектирала четири криминални групи кои имале 28 членови и организирале криумчарење мигранти од Блискиот и Среден Исток и Северна Африка во западноевропските земји. По однос на кривичното дело “организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе и криумчарење мигранти“ откриени се 17 вакви кривични дела во кои кривично се пријавени 43 сторители.

Од Македонија, пак, азил побарале 32 лица и откриени се 19 случаи на злоупотреба на безвизниот режим со држави членки на ЕУ и Шенгенскиот договор.

Во Владата денеска се одржа дипломатски брифинг за активностите на Регионалната иницијатива за азил, бегалци и миграција – МАРРИ. Директорот на оваа иницијатива Трпе Стојановски вели дека најголем број од миграните се економски, односно бегаат од своите земји од безбедносни причини.

 OhridNews

Извор: „Макфакс“