Вкупно 17 земјоделци од Охридскиот регион аплицирале за искористување на средства од ИПАРД програмата заклучно со кајниот рок за аплицирање кој истече вчера.
Од Подрачната единица на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството во Охрид информираат дека од трите мерки на оваа програма, најинтересна за охридските земјоделци била мерката 101 односно „Инвестиции на земјоделските стопанства со цел нивно преструктуирање и надградба за достигнување на стандардите на Европската Унија“.
–Имаме 15 апликации за набавка на трактори и приклучна механизација и 2 апликации за обновување на овошни и лозови насади. Значи земјоделецот треба да има некој стар насад од 25 или 30 години и ако сака да го откорне може да го обнови со средствата од оваа програма. За да аплицира за оваа мерка земјоделецот треба да поседува овоштарник или лозов насад со минималната површина од 3.000 метри кавдратни, а во делот на градинарските култури треба да има минимална површина од 2.000 метри кавдратни, вели Билјана Ѓорческа, Советник за организација во подрачната единица на АПРЗ во Охрид.
Таа објаснува дека за аплицирање за средствата во делот на овоштарство или лозарство, многу важно е во документацијата која ја приложува земјоделцот да има имотен лист од обработливото земјиште кое во катастарската евиденција се води како овоштарник односно лозје.
Освен оваа мерка, од ИПАРД програмата беше достапна и мерките 103 -„Инвестиции за преработка и маркетинг на земјоделските и рибните производи со нивно преструктуирање“ како и мерката 302 -„Диверзификација и развој на руралните економски активности“.
OhridNews