После 12 години засебно делување на охридската и македонската рап сцена, двете најголеми македонски хип-хоп групации, B.C. Генерација и Подземна Фамилија ‘Bizzy’, го направија еден од најнеочекуваниот потег со спојување на екипите.

Нивното прво заедничко музичко остварување е овековечено преку записот „Вива ла ХиП-Хоп“, а за нивното реорганизирање повеќе ќе дознаете низ интервјуто што Bizzy и Meckarov го дадоа за OhridNews.

OhridNews: Што всушност претставува обединувањето на двете најголеми рап групации во Охрид?

Meckarov: Ohrid Reunion би ја дефинирал како група на луѓе која е заколната дека ќе го истакнит правиот рап на површина.

Bizzy: За помалку информираните, „Подземна Фамилија Bizzy“ и „Bad Contract Генерација“, засебно битисуваме од 2000-та, за после долги години да пристапиме кон „заедничарење“, што по мене и по највидните македонски рап имиња, е врвот од правилните потези кои сме ги донеле. Постојано низ годините тежнеев кон колектив, бидејќи индивидуалноста е само личен успех или неуспех, победа или пораз, аплауз или свиркање. Во Охрид, фала му на бога, го немаме тој проблем на мал милион екипи, па само две хемисфери требаше да се спојат. И би.

OhridNews: Која е целта на овој „неочекуван“ потег, што се крие зад него и на што се должи?

Meckarov: Целта на овој потег е заедничка соработка за поголем успех и за правилно развивање на рапот во Охрид.

Bizzy: Нема ништо во позадина на реформирањето на охридско-струшката рап сцена. Претставуваме, во најмала рака: два града, доста публика, и потенцијални артисти. Нашата совршена должност е да го одржиме во живот она што го создадовме самите. Ние не сме циркузанти, па затоа сѐ што правиме се должи исклучиво на нашите лик и дело, на љубовта и бунтот во нив.

OhridNews: Дали сметате дека преку ова обединување на еден начин ќе се подигне нивото на локалната и македонската рап сцена?

Meckarov: Мислам дека ќе се подигне и тоа многу. Тоа ќе го видиме после проектите шо планираме да ги реализираме за брзо време.

Bizzy: Апсолутно. И не само на рапот како сцена (кој сам по себе е безвреден). Станува збор за подигнување на свеста кај грото. Токму затоа ги споивме силите- за издигнување на хоп-от до статус „Македонска Револуција“.

OhridNews: Како oхриѓани и целокупната јавност реагираа на обединувањето? Зошто многумина овој потег го окарактеризираа како „неочекуван“?

Meckarov: Чудни реакции ептен. Мене лично повеќето ми викаа као: Како можевте, вие бевте најголеми непријатели, од каде сега ова итн., а имаше и позитивни реакции како: Веќе редно беше, убо напрајвте, вака ќе е прејако итн. Неочекуван можеби затоа што повеќето луѓе во градов беа така информирани и мислеа дека сме скарани и се мразиме до коска.

Bizzy: Коментарите од калибар „како вие заедно?, нели треба да сте спроти?, а-у“ не беа нималку неочекувани, секогаш имало и ќе има луѓе кои го трошат космичкото време оспорувајќи нешто што е за општо добро. Тоа е таа слепа љубомора. Како и да е, карванот врви – песовите лаат. Но, имаше доста смеење, за волја на вистината.  Ќе искористам прилика да ги поздравам сите оние коишто торжествуваа на веста (особено вистинските рап артисти ширум Македонија, кои ја примија информацијата со вистинска радост, чисто срце и желби за успех) и да им ја најавам револуцијата во Хип-Хоп постоењето, бидејќи ова е токму тоа што ѝ треба на македонштината – ЕДИНСТВО!

OhridNews: Каква беше вашата релација пред обединувањето? Дали имавте претходна соработка и заеднички настапи?

Meckarov: Имавме две или три заеднички траки, исто и неколку настапи.

Bizzy: Бидејќи одговорот на Meckarov е доволен, јас само ќе се надоврзам со детерминирање на односот меѓу нас и публиката (кој е многу битен): не постоела релација артист-публика, секогаш било прибирање на народот поблиску и држење на истиот збиен во едно.

OhridNews: Кои сѐ планови ги имате зацртано за во иднина? Всушност, обединувањето го овековечивте преку еден нов музички запис; Дали планирате заеднички албуми, видео записи и настапи во периодот кој претстои?

Meckarov: Музичкиот запис Вива Ла Хип-Хоп беше најава баш за тоа дека се обединуваме и дека работиме заедно од сега па натаму. Планираме да организираме заеднички настап на двете екипи летово, планираме уште многу траки и планираме да го распукаме „малу поче“ рап во градов.

Bizzy: Ух.. Планови ? Започнуваме со заеднички настап за да го официјализираме братството. Во подготовка е доста тежок и издржан материјал за кого, пред сѐ, ќе биде потребна општонародна поддршка. Се гледаме за многу брзо. Отворена покана до вашиот медиум и сите останати да присуствувате на церемонијата по повод соединувањето.

OhridNews – Прашање за Bizzy: До каде си со твоето деби литературно издание „Без Сомнеж“? Што е таа во кратки црти? Кога да ја очекуваме?

Bizzy: Па, поради склоп на околности, финализирањето на мојата прва филозофска списа ќе биде пролонгирано за кратко. „Без Сомнеж“, без сомнеж, е концептуално среден систем на постоење и заемно функционирање на многу навики (добри и лоши), многу зависности(позитивни или не) и многу идеи (лесно и тешко остварливи) собрани патем низ животот. Во испечатена форма, по волја Божја, би требало да ја биде до крајот на оваа година.

OhridNews: Што би им препорачале на Охриѓани, на македонската андерграунд сцена и воопшто на јавноста?

Meckarov: Јас лично, на андерграунд сцената би ѝ препорачал да не се замараа со поимот комерцијала, туку да слуша тоа што е убаво, тоа шо го сака, тоа што е вистина, тоа што го полни и тоа во што се пронаоѓа. Истото и на охриѓани и на цела Македонија.

Bizzy: Чувајте ја вашата лична слобода за да ја зачувате Македонија слободна. Слободата е она што не може да ви го одземат. По Платон: „ Тој што е слободен, и во затвор ќе биде слободен!“, а „КАКВА НИ Е МУЗИКАТА, ТАКВА НИ Е ДРЖАВАТА!“, па…размислете добро кому му аплаудирате! До скоро видување, PAX VOBISCUM!

O.T.