По најавите дека до крајот на годината цената на маслото и на други основни продукти драстично ќе се зголеми, вицепремиерот Зоран Ставрески денеска во Охрид изјави дека не очекува дека ќе дојде до поголем бран поскапувања во земјата.
Не мислам дека ќе дојде никаков голем бран на поскапувања, веројатно како и секоја година ќе има поскапувања на одредени производи, тоа пазарот ќе покаже дали според глобалните движења во светот на одредени основни продукти, меѓутоа нема причина да се стравува дека ќе има некој голем бран на поскапувања, рече вицепремиерот Ставрески.
Според него Македонија бележи напредок во економијата за што има потврда и од ЕУ и меѓународните финансиски институции, а странските инвестиции во првата половина од годината изнесуваат 121 милион евра, што како што рече е најмногу досега.
Г.М.