Зошто холандските туристи се заљубени во Македонија. Што ги интересира во овој непредвидлив прекрасен Балкански свет? Тие не доаѓаат само стандардно за охридската/струшка ривиера. Има и многу други портокалови гости со специфични потреби и прашања. На посета сме во Амстердам, во канцеларијата на Васко Коциров (сопственик на Каратанова Турс). Овој туроператор е за речиси 30% одговорен за холандскиот туризам во Македонија. „Од 2003 година имаме доста работи направено. Желбата ни е да продолжиме Македонија да ја промовираме во вистинско светло, на квалитетен начин “, изјави Коциров.


На аеродромот во Амстердам Schiphol на 6 писти секоја минута слетува или полетува авион. Годишно скоро 45 милиони патници со 500.000 летови патуваат преку Амстердам. Помеѓу оваа огромна бројка има и патници/туристи за Македонија.

„Во 2011 имавме околу 1500 туристи за специjaлни тематски патувања со околу 10.000 ноќевања во Македонија во различни хотели. Се надевам дека оваа година овие бројки ќе ги надминеме“, вели Коциров.

Во Schiphol се вработени од прилика 60.000 луѓе на простор од околу 2800 хектари. Аеродромот има големо значење за холандската економија. И во оваа моќна динамична средина каде што на високо ниво се активно функционира има и едно македонско знаме потпрено на ѕид. Црвено жолтите бои се видливи во соба од 16 квадрати. На маса се ставени македонски вина.  Се чуваат книги, постери, слики, сувенири, двд-ја, музика и разни маркетиншки материјали за Македонија. Голема дрвена украсна кутија е исполнета со списанија во кои се промовира Македонија. Отворениот капак  ја раскажува приказната на Каратанова турс и дел од животот од авантуристот Коциров, енергичен, инспириран човек. На холандскиот туристички пазар се смета како експерт за Балканот. Од хоби и љубов кон татковината го започна својот бизнис.
 


Зошто Каратанова Турс не е толку позната како тоуроператор, не се експонира како некои други компании кои летаат од Холандија за Охрид и Скопје, зошто не е повеќе присутна на туристичкиот пазар во Холандија и Македонија? .„Тоа е долга приказна, да не навлегувам во детали“, одговори Коциров. “Не гледам повеќе кон  минатото. Работиме и се трудиме со години на свој начин, со свои принципи и  специјални програми. Се рекламираме постепено, ненападно“.
 
Во борбата и битката за убедување на холандските туристи пазарот е жесток. Со други зборови: Македонија не е голема милионска туристичка индустрија како што се Турција, Шпанија, Грција, Франција. Секој еден што има дел во холандско-македонскиот туризам сака парче од колачот. Но само најсилните и специјалистите остануваат и преживуваат. Покрај туристичките понуди треба во таа светска џунгла да си и посебен, креативен, поатрактивен од другите,  вели Коциров. Неговата компанија ги рекламира туристичките производи на “The spirit of the Balkan” (душата на Балканот). Целта е холандскиот турист длабоко да ја види, да почувствува, да ја слушне македонската душа на лице место. Со свои очи, уши. Во традиционални мистериозни села, во полиња, на планини, во цркви, манастири, на православни и други етнички фестивали, во мали автентични градчиња, населби, антички локалитети, да се пробаат автентичните јадења, подалеку од познатите и масовно посетени туристички дестинации.
 


И бизнизот им тргна. Чекор по Чекор. “За превоз до Македонија со Arke Fly имаме склучено договор за чартер летови. Оваа компанија е дел  од светски познатиот туро оператор ТУИ. Исто така туристи преку други реномирани холандски организаци или директно кај нас купуваат и резервираат комплетни програми. Наши  партнери се например ANWB (најголемиот авто мото сојуз во Холандија), SNP (организираа пешачки, велосипедски, фамилијарни и тематски одмори), Carslon Wagonlit ( организација специјализирана за бизниз-патувања),OAD Reisen (голем Холандски тоуроператор),SRC (специализирана организација за одмори за култура), црковни организаци, планинарски друштва, лекарски организации и др. Исто така имаме соработка и со Џет еар, најголемиот туроператор од Белгија“, вели Коциров.

Разликата во споредба со други организации е дека Каратанова Тоурс како тоуроператор не е ориентирана само на просечниот холандски турист (авион-плаќа-ранец-папучи-шортсеви- чаршија-хотел). И Каратанова продава авионски карти и комплетни аранжмани во хотели или апартмани на Охридската ривиера. Повеќе со искуство се фокусираат на индивидуални и групни организирани тури за низ цела Македонија, за сите соседни држави и за сите поранешни југословенски републики. Коциров е полн со идеи, планови.

„Компанијата инвестира  во туристичкиот мост Холандија-Македонија. Почна од нула. Проба, виде лоши и добри моменти, научи по нешто од секое искуство. Остана и не се предаваше. Сега е таму каде што сонуваше долго време да биде. И сака тука да остане“, дециден е Коциров, свесен дека тоа е дупло потешко отколку патот до врвот.
 


Каратанова Турс посакува да добие уште една вредна сатисфакција. Не од холандските клиенти. Тие веќе во голем број резервират кај неа. Проблемот е довербата од Македонците во Холандија.

„После распаѓајнето на Југославија и нестабилноста во регионот со години во Холандија немаше директни, редовни, сигурни и добри можности за патување до Македонија. Останаа многу луѓе разочарани од тогашните услови. Тоа наследство има негативен ефект кон сите сегашни македонски тоуроператори во Холандија кои работат моментално со други намери и стандарди. Сега се работи поквалитетно и професионално. Македонија се врати на туристичките мапи како дестинација. Има повеќе избор, доста конкуренција и клиентот може сам со еден клик на компјутер слободно да  одлучи каде ќе купува.Втората желба ни е да успееме да ја придобиеме нашата македонска клиентела која може да игра важна улога за создавање редовна линија од Амстердам кон Македонија. Да им ја објасниме приказната за и тие да  заборават на минатото, да стекнат доверба“, вели Коциров.
 
Наскоро за Каратанова Турс и Македонија ќе има две страници текст во најголемиот и најчитаниот весник „Telegraaf“ (1,5 милиони читатели дневно).До новата туристичка сезона остана уште малку. Коциров со неговиот соработник Роберто Велески ги брои деновите и се надева како секој во овој бизнис на добра година и многу туристи да ја посетат Македонија.

Владо Велјаноски
репортер на Холандска телевизија НОС Студио Спорт