Неочакувано високите температури за овој период од годината ја зголемуваат опасноста од појава на пожари, предупредуваат одговорните во Националниот парк Галичица.
-Во изминатиот период екипи на националниот парк и противпожарната служба имаa три интервенции од кои едната беше во границите на националниот парк, изјави Наумче Новески раководителот на секторот за заштита на ЈУНП „Галичица“.
Тој апелираше до жителите во населените места кои гравитираат во паркот да се воздржат од палење стрништа и слични активности, потсетувајќи дека тоа е казниво дело согласно Законот за шуми. Казните за физичко лице се движат од 1500 до 3000 евра, додека за правно лице од 6000 до 8000 евра.
Новески информираше дека претставници на Националниот парк постојано одржуваат контакт со локалното население, а се вршат и едукативни предавања и се делат флаери за однесување во шума.
-Мобилизирани сме и имаме екипи за брза реакција, но треба да почнеме полека да ги откриваме и причинителите на тие пожари, вели Новески.
Во Националниот парк Галичица живеат голем број ендемски видови флора и фауна и евентуален пожар би можел да го загрози ова природно богатство, поради што граѓаните треба крајно внимателно да ја чуваат животната средина од пожари, додава Новески.