Со покачувањето на температурите се зголеми и бројот на повици до охридската Итна помош. Како што информираат од таму, најголемиот број интервенции се вршат поради настанат колапс, губење свест, алергиски реакции како последица на убоди од инсекти, сонце.
– Обемот на работа е доста зголемен и со самиот факт што деновиве голем е и бројот на туристи кои тука го минуваат годишниот одмор, но голем број од интервенциите на нашите сужби се поради тоа што граѓаните не ги почитуваат дадените препораки за заштита од топлотниот бран кој последните десеттина дена ја зафати нашата земја.Успшено се справуваме со поголемиот обем на работа, имаме и мобилна екипа која интервенира во Пештани, Љубаништа, Градиште и Свети Наум. Нашиот апел е да се почитуваат препораките за да нема несакани последици, потенцира раководителот на охридската Итна помош, д- р Горан Симјановски.
Меѓу општите препораки за заштита од високите температури се : заштитата од директна сончева изложеност, носење светла и лесна облека, избегнување престој на отворено, консумирање лесна храна, термички обработена храна и повеќе течности, редовно одржување хигиена на раце и хигиенски начин на подготовка на храната, како и редовно земање на терапијата кај хронично болните лица. Министерството за здравство, донесе и препорака за ослободување од работните обврски на бремените жени и хронично болните лица на возраст над 60 години, а на работодавачите им се препорачува да ги реорганизираат работните активности на градежните работници кои работат на отворено, со што ќе се избегне вршење градежни активности на отворено во периодот од 12 до 17 часот.
Сите заинтересирани граѓани имаат можност да добијат здравствен совет и превентивни препораки за заштита од високи температури и на поставениот здравствен пункт на плоштадот Чинар секој ден од 18.30 до 21.30 часот, каде се врши мерење на крвен притисок и се даваат совети за превенција од топлото време и за здрав начин на живот.
OhridNews