Македонските работници најмногу пријавуваат дека биле мобингувани од психички аспект и тоа во сите сектори, и во државните и во приватните фирми, но голем дел немаат храброст да пријават плашејќи се да не го загубат работното место, пренесува „Макфакс“.

Дури 77 отсто од испитаниците во анкетата направена од страна на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) и Конфедерацијата на слободни синдикати одговориле дека биле жртви на мобинг.

„Работниците пријавуваат мобинг од психички аспект, а се пријавува буквално од сите сектори од Министерството за внатрешни работи, здравството, градежништво, трговијата, се што може да се замисли во Македонија“, изјави Гоце Селовски, претседател на Синдикатот на финансиски дејности при ССМ на денешното доделување на уверенија за анти-мобинг советници.

До канцеларијата за пријавување на мобинг која функционира шест месеци пристигнати се околу 55 случаи. Досега изготвена е една тужба, а уште две тужбени барања се во подготовка.

Од ССМ велат дека потребно е да се подготви нов закон за мобинг со цел полесно да се разрешуваат случаите.

„Високата невработеност и целта да се задржи работното место во секој случаи влијаат и ги обесхрабрува работниците да пријавуваат мобинг. Нашите анализи покажуваат дека член 9 од законот не е доволен за да се овозможи една процедура за докажување на мобингот, има недостатоци кои се присутни и во судската практика“, изјави Живко Митревски, претседател на ССМ.

На денешното доделување во ССМ уверенија за анти-мобинг советници добија 55 лица кои се задолжени да им помогнат на оние мобингувани работници и да ги советуваат како да се заштитат.

„Потребно е да се донесе закон за мобинг за да можат вработените да почувствуваат сигурност за заштита од тој мобинг. Прва задача е да давам правна помош на тие мобингувани луѓе како да се заштитат и да побараат и бесплатна правна помош“, рече Лепа Ивановска, советник за анти-мобинг.

OhridNews
извор: „макфакс“