Селекторот на Македонија, Игор Ангеловски, на средбата со медиумите по синоќешниот триумф над Лихтенштајн изјави дека го побарал претседателот на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Муамед Сејдини за средба со А репрезентацијата се со цел да се надминат сите недоразбирања на релација ФФМ – репрезентација. Иако ветил, Сејдини не се појавил, а од ФФМ известија дека претседателот бил во задолжителен карантин, поради позитивен тест на вирусот ковид -19.

Ја користам оваа прилика јавно да го повикам претседателот кога ќе го преброди вирусот да се сретнеме и да ги разрешиме сите дилеми, затоа што ни претстои Европското првенство, во кое треба сите да уживаме, – рече Ангеловски.

Селекторот се осврна на исходот од дуелот со Лихтенштај, кој Македонија го реши во своја корист, победувајќи со 5-0.

Тоа што сите го предвидувавме, го остваривме, иако во денешниот фудбале е тешко да победиш било кого со 5-0, ние го потврдивме фаворитскиот статус. Го остваривме и тоа што ни беше втора цел, дел од играчите да добијат дозирана минутажа. Остваривме се што ни беше планирано. Задоволен сум сега од реализацијата, нормално, кога ќе се постигнат пет гола. Адеми немаше потреба да игра, ќе стартува со Германија, се надевам дека без проблем ќе го одигра тој натпревар. Доминиравме во првото полувреме, имавме можност и за втор гол. Во второто полувреме следеа и головите, се она што го побарав од фудбалерите – го направија на теренот, – истакна Ангеловски.

Третиот меч од квалификациите за пласман на Мундијалот, Македонија ќе го одигра во Дуисбург, против селекцијата на Германија.

OhridNews