Овалната соба, собата за кризни ситуации и многу други простории во Белата Куќа, како и градината на Мишел Обама можат да се посетат по пат на интернет. За сите оние кои не можат лично да одат во Вашингтон сајтот на Белата Куќа нуди интерактивна картичка. За време на виртуелната посета со водич, освен што ќе можат да „прошетаат“ низ Белата Куќа посетителите ќе можат да дознаат и многу интересни анегдоти.
Ќе можат да ја погледнат и кино салата, кујните и салата за конференции за новинарите која е изградена на местото на кое некогаш се наоѓал базенот на Френклин Рузвелт. Посетителите ќе можат да ја посетат и собата за кризни ситуации, која била изградена по наредба на Џон Кенеди по фијаското со операцијата „Залив на свињите“ на Куба 1961 година и која во меѓувреме е модернизирана со најсовремена опрема во стилот на Џејмс Бонд. Виртуелната посета предвидува и прошетка низ паркот, но не и посета на приватните претседателски апартмани, сместени на вториот кат на Белата Куќа.