Виртуелен земјотрес и цунами на 30 март ќе ги погодат Македонија, Хрватска, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово, убивајќи десетици илјади луѓе и оставајќи зад себе пустош и хаос.

Цунамито незабележано на овие простори, ќе биде предизвикано од разорен потрес со епицентар во Јадранското море, по што огромен бран точно во 04,02 часот наутро ќе ги погоди петте балкански држави.

Станува збор за виртуелна интернетска вежба на Центарот за истражување на државниот универзитет во калифорнискиот град Сан Диего, која ќе биде одржана од 28 до 31 март. Вежбата со работен наслов “Х24 Европа” научиците ќе ја изведат со цел да ја испитаат моќта на социјалните медиуми и користењето на можностите на интернетот за време на операциите за ублажување на последиците на катастрофите. Научниците ќе го следат протокот на информации и активности со цел да се ублажат последиците од кризата во меѓународната заедница во реално време, за време на првите 180 денови од симулирањето на природната катастрофа.

Американците не соопштиле зошто за виртуелна вежба на катастрофата е избран токму овој регион и овие држави. На веб-страницата http://x24.eushare.org/ е опишано сценариото по потресот со силина од 7,3 степени според Рихтеровата скала во Јадранското Море на 30 март, точно во 4,02 часот наутро.

Веќе една минута подоцна, спасувачките екипи, граѓаните, локалните и државни власти, научниците и кој било друг, јавуваат преку Фејсбук, Твитер, меил или СМС дека се прекинати сите комуникации со јадранските градови во регионот.

OhridNews