Вечерва, на фестивалот „Охридско лето“ концерт ќе одржи познатиот ерменски виолончелист од помладата генерација Нарек Хахназарјан, заедно со пијанистката Оксана Шевченко од Казахстан.

 

-Ова е неповторлива можност да се чуе еден музичар со „извонредна комбинација на техника и музикалност“, фраза со која што светските критичари го опишуваат виолончелистот Нарек Хахназарјан, вели селекторката на Фестивалот Гордана Јосифова-Неделковска.

Хахназарјан и Шевченко веќе подолго време настапуваат заедно. Во 2011 година постигнале голем успех на натпреварот „Чајковски“ во Москва, каде Хахназарјан освоил прва награда и златен медал, а Шевченко се стекнала со наградата за најдобар пијано-соработник. И двајцата имаат активна изведувачка дејност. Настапувале со некои од најпознатите оркестри во светот и соработувале со голем број реномирани изведувачи и диригенти.

На репертоарот на овие двајца исклучителни изведувачи се дела од Лудвиг ван Бетовен, Роберт Шуман, Петар Илич Чајковски, Дмитриј Шостакович, Сергеј Рахмањинов и Мстислав Ростропович.

Концертот е во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот.

OhridNews