„Во виното е вистината.“ – Има многу вистина во оваа светска поговорка. Секое вино открива свои тајни, но не секое вино, пак, е вистински добро, ќе ви речат познавачите кои до детаљ ги анализираат вкусовите, мирисите и уште безброј ситни, ама битни параметри кои едно вино го прават квалитетно. А да се направи добро вино потребни се вистински мајстори, добро грозје, многу знаење и големи инвестиции. Пример за тоа е винаријата „Далвина“, која иако е една од помладите во земјата, веќе е етаблирана на пазарот кај нас, но и надвор од Македонија, благодарение на исклучително квалитетните вина кои се произведуваат од лозовите насади во сончевата Струмичко-радовишка долина.
На 370 хектари до недоглед се протегаат лозовите насади на винаријата „Далвина“. Дел од нив се стари над 50 години, кои винаријата ги зачува и ревитализира по преземањето на комбинатот „Агро-лозар“ во 2003 година. Поголемиот дел или 220 хектари се нови лозови насади на кои се произведуваат квалитетни сорти како совињон блан, шардоне, жупљанка, смедеревка, вранец, мерло, сирах… Бербата е речиси целосно автоматизирана, освен одредени сорти кои се збираат рачно. Капацитетот на винаријата е околу 5 милиони литри годишно, а прозведува околу 3 милиони. Дел од виното секоја година се остава да зрее. Со примена на врвна технологија, „Далвина“ денес може да се пофали со производство на извонредно вино чиј квалитет е потврден со бројни награди на меѓународни саеми.
Во „Далвина“ е инсталирана најквалитетната технологија која постои во светот, со која грозјето се третира на нежен начин, односно се користи цело зрно во производството на вината, за да се добие максимален квалитет и да се задржат состојките кои едно вино го прават навистина квалитетно. А квалитетот на виното се следи постојано во процесот на производство и зреење во специјална лабораторија, додека процесот завршува во сопствена линија за флаширање. – истакна Делчо Балтовски, сопственик на винаријата „Далвина“ на дегустацијата што во соработка со генералниот дистрибутер за Охридско – струшкиот регион, компанијата „АСП – ПАК“ – Охрид, се одржа синоќа во прекрасниот амбиент на хотелот „Тино – Св. Стефан“.
Присутните имаа можност да вкусат две бели вина од сортите Жупљанка (2018) и Совињон блан (2017), како и четири исклучително квалитетни црни вина: Вранец – Хермес (2015), Синтезис куве барик (2015), Дионис Сирах (2016) и Дионис Мерло (2016). Својствата на овие вина ги претстави енологот Горан Миланов.
Во Македонија 50% од лозовите насади се црни, а 50% бели сорти вино. Од црните половина од насадите се од сортата Вранец, која иако потекнува од Црна Гора кај нас ја има најмногу и е со исклучителен квалитет признаен во светот. Таков е случајот и со виното Вранец – Хермес кое е зреано во специјални услови со дабово дрво. Ова вино на натпреварот „Мондус вини“ во Дизелдорф, Германија, освои Голема златна медаља. Виното Синтезис куве барик, кое е комбинација од вранец (50%), каберне севињон (25%) и мерло (50%), пак, на саемот во Лондон минатиот април освои злато, а исклучителното вино Дионис Сирах кое се произведува од познатата персиска сорта, зреено во специјални услови со дрво 14 месеци, е добитник на голем број врвни награди и признанија. – истакна енологот Миланов, кој на присутните на дегустацијата им ги откри тајните на квалитетните вина на винаријата „Далвина“.
Дегустацијата беше збогатена со одлична храна и огномет кој го разубави есенското небо над Охрид.
Љубителите на добро вино, пак, можат да ги вкусат исклучително квалитетните вина на „Далвина“ во сите подобро снабдени продажни места и специјализирани продавници во Охрид и Струга, благодарение на генералниот дистрибутер, компанијата „АСП – ПАК“, која една деценија ги задоволува префинетите вкусови на купувачите во регионот.
Г.М.
Фото: А. Момироска