Земајќи предвид дека очекувањата за автомобилската индустрија во Европа се пад од 25%, односно 4 милиони возила помалку споредено со 2019 та година, на глобално ниво ќе се произведат и продадат 19 милиони возила помалку. Падот во индустријата релативно слично ќе се преслика и кај нас. На оваа индустрија почива над 50% од македонскиот извоз. Плановите за дополнителни вработувања до крајот на годината секако се веќе надвор од игра кај повеќето компании освен неколку кои се во процес на раст и почнале со работа во изминативе 3-4 години. Секако, и нивниот раст ќе биде побавен од планираното, како што е и случајот со Костал на краток рок. Ова во интервју за „Капитал“, го изјави Виктор Мизо – главен извршен директор на Костал Македонија и претседател на Асоцијацијата на странски компании со технолошки напредно производство.

Мизо вели дека сите треба да бидат  свесни оти без разлика на тоа дали се странски или домашни компании во Македонија, последиците од пандемиската криза се можеби и најсериозни во поновата историја, пред се поради степенот на вмреженоста и меѓузависноста на економските активности на глобално ниво.

На почетокот на месец март започна делумното намалување, додека кон крајот на месецот нарачките се редуцираа во просек за 60%. Во април продолжи овој негативен тренд, а до крајот на месецот се очекува пад за дури 90% или тотален прекин на производството. Да бидеме реални, во месец мај нема да има нагло рестартирање на 100% од производството. Тоа ќе се одвива полека и постепено, зависно од динамиката на нарачките. – вели Мизо.

Тој истакнува дека компаниите се обидуваат на секој можен начин да го задржат бројот на вработените. Запрашан каква е ситуацијата во Костал конкретно, првиот човек на компанијата, вели дека  во изминатите неколку недели е рестартирано производството за Кина, а искористеноста на капацитетите е околу 10%.

Ние, во Костал Македонија, имаме поинаков однос со нашите вработени. Партнерски однос, заснован на меѓусебно почитување и поддршка. Како резултат на намалувањето на производството ниту еден вработен не е отпуштен, нема настап од позиција на појака страна во договорот за вработување па следствено менување на условите од истиот, како што тоа го прават некои работодавци, а се’ со цел да се променат условите на полошо.  – вели генералниот менаџер на Костал Виктор мизо во интервју за Капитал. Целото интервју може да го прочитате ТУКА.

Позицијата на гигантите во автомобилската индустрија не е добра

Колку всушност е незавидна ситуацијата во автомобилската индустрија, потврдува и угледниот „The Economist“. Во анализата на овој специјализиран медиум се истакнува дека уште пред рецесијата предизвикана од пандемијата на Ковид 19, инвеститорите биле длабоко загрижени во однос на автомобилската индустрија.

Фабриките се уште се потпираат на технологија која полека застарува – моторот на внатрешно согорување, оттаму позицијата на некои гиганти како Форд, Рено, Фолксваген не изгледа баш најдобро во 21 век. Со падот на продажбата на автомобили во светот сега, овие „диносауруси“ кои вработуваат 10 милиони луѓе се соочуваат со моментот на вистината пишува „The Economist“.

Менаџерите на големите автомобилски компании тврдат дека сега се подобро поставени во однос на кризата во 2008/09. Но што велат фактите? Во моментов падот на производството во автомобилската индустрија во светски рамки е 50-70% во споредба со минатата година. Автомобилските компании имаат фиксни трошоци, така што кога работат под капацитетот, брзо губат пари. Првите осум водечки автомобилски компании можат да согорат 50 милијарди долари само во овој квартал. Со такво темпо може да се случи тие да останат без пари до крајот на годината, пишува „The Economist“.

OhridNews
извор: „Капитал“/„The Economist“