Автомобилскиoт сектор се соочува со зголемени предизвици во бизнис опкружувањето и многу компании веќе се подготвуваат за потенцијална рецесија. Поради Ковид 19 резултатите за оваа година ќе бидат далеку под планираните како и драстично послаби од минатата. Во 2021 година автомобилската индустрија ќе забележи двоцифрен раст, но нема да биде доволно за да се надополни падот предизвикан од пандемијата на коронавирусот, вели во интервју за „Капитал“, генерален менаџер на „Костал Македонија“ и претседател на Асоцијацијата на странски компании со технолошки напредно производство.
Колку се сериозни последиците од Ковид 19 врз автомобилската индустрија, според Мизо, покажуваат глобалните трендови, кои најдобро ги отсликуваат бројките.
Западно европската стапка на продажба падна на 12,3 милиони возила годишно во ноември, споредено со 12.7 милиони возила годишно во oктомври, како резултат на вториот бран на Ковид 19 кој предизвика национални блокади низ целиот регион и ја задуши надежта за продолжување на закрепнувањето што се појави кон крајот на летото. Довербата на потрошувачите опадна, нарушувајќи ги претходните придобивки, бидејќи зголемени рестрикции и ограничувања станаа факт. – вели Мизо.
Сите пет големи пазари во Западна Европа (Велика Британија, Шпанија, Франција и Италија) забележаа пад на продажбата на автомобили во ноември, а единствениот голем пазар што забележа раст на стапката на продажба, на 3,6 милиони единици годишно, е Германија посочува Мизо. Тој истакна дека во 2021 година автомобилската индустрија бавно ќе се опоравува. Вестите за применливи вакцини кои веќе започнаа да се аплицираат во САД, Канада и Велика Британија, даваат позитивни сигнали за ваква прогноза, но сепак мора да се има доза на претпазливост бидејќи масовната имунизација ќе потрае и уште еден бран инфекции сè уште не може да се исклучи, предупредува Мизо.
Продажбата на нови автомобили ќе се зголеми за 15% во 2021 година, по падот од 18% во 2020 година. За Европа, од пад од 25-27% во 2020 се очекува зголемување на продажбата од околу 16-18% во 2021. Продажбата на комерцијални возила ќе се зголеми за 16% во 2021 година, по падот од 16% во 2020 година. Враќањето на бројките од 2017 ќе потрае подолго и тука најголемиот негативен ефект ќе биде на Европскиот пазар, каде опоравувањето се очекува некаде околу 2025 година. – предвидува Мизо.
Пандемијата на коронавирус донесе нагло стопирање на еднодецениската експанзија на автомобилска индустрија во глобални рамки, со пад на продажбата на повеќето пазари. Само во четири земји идната година продажбата ќе се врати на ниво од 2019 година: Кина, Турција, Тајван и Украина.
Производителите на автомобили ќе бидат принудени длабоко да ги анализираат своите глобални операции, што несомнено ќе резултира со дополнителни намалувања на работните места во индустријата, со погони и снабдувачи кои ќе се затвораат во земјите каде што пазарите најспоро ќе закрепнуваат и во зависност од тоа како што ќе се консолидира индустријата. – анализира Мизо.
Што се однесува до состојбата во секторот во земјава, кој силно зависи од глобалните текови и прогнози, Мизо истакнува дека крајот на крајот од годината се бележи зголемено производство, но крахот предизвикан од корона кризата во април и мај се уште силно се чувствува.
Последните 3 месеци од оваа година се рекордни според побарувачките од нашите европски клиенти – компании. Работиме дури и надминувајќи го последниот план и проекциите од крајот на летото. Дел од компаниите се трудат да произведат што повеќе електрични и хибридни возила пред крајот на годината за да ги намалат пеналите за издувни гасови од страна на ЕУ. Други компании имаа големо намалување во нивните залихи кон дилерите за возила (во продажните салони) и го користат периодот за нивна надокнада. Премиум клиентите имаат огромни нарачки, кои во добар дел се наменети за кинескиот пазар кој се опоравува побрзо од сите предвидувања. Од друга страна, од почетокот на декември веќе се чувствуваат проблемите во ланецот на добавувачи. Крахот во побарувачката и производството во април и мај и сегашниот брз раст креира проблеми во задоволување на потребните компоненти, пред се електроника која е во директна конкуренција и со индустријата за широка потрошувачка – телефони, компјурети, телевизори и сл. Од таа причина, веќе се присутни ситуации на откажувања или пролонгирања на планирани производни серии на одредени модели на возила. Дополнително сé поголемите изгледи за Брегзит без договор помеѓу Велика Британија и ЕУ, како и многу рестриктивните мерки ќе имаат дополнително влијание на производството и побарувачката за првиот и вториот квартал од 2021. – укажува во анализата за „Капитал“ Виктор Мизо.
Мизо смета дека идната година ќе биде година на раст и постепено враќање кон нормалата на автомобилската индустрија во земјава. Потенцијално е можно да се достигне, со мала шанса да се надмине обемот на производство од 2019, спротивно на трендот во Европа, додава тој.
Овој оптимизам се должи на неколку причини. Сите присутни компании (посебно оние кои работат на пазарот не повеќе од 5 години), се’ уште не го имаат достигнато оптималното искористување на својот потенцијал и се наоѓаат во фаза на раст и доинвестирање. Пример во Костал ако 2019 ја завршивме со извоз од 38 милиони евра, планот за 2021 е над 105 милиони евра со дополнителни инвестиции, па така трендот на барање на поконкуретни производни локации може да доведе до дополнително локализирање и префрлање на производството кај нас во неискористените капацитети на веќе постоечките фабрики. Тука свој продонес ќе има и зголемениот обем на работа на компании кои пред се работат за премиум или клиенти со голема изложеност на електрични возила. – вели Мизо.
Генералниот менаџер на Костал истакнува дека анализираните состојби водат кон заклучок дека автомобилската индустрија во светсот, како и во нашата земја ја очекуваат значајни предизвици.
Повеќе од очигледно е дека претстои голема трансформација при што некои од глобалните играчи можно е да не опстанат во иднина, особено компаниите кои се имаат соочено со нестабилост и предизвици пред Ковид 19. Во ваква средина на делување клучен фактор за преживување e прилагодливоста на сите ентитети, компаниите на глобално и локално ниво, но и сите засегнати страни – вклучително и државата. Високо ниво на претпазливост и усогласеност со работната сила, дисциплиниран пристап и фокус кон оперативни подобрувања како и комуникација и колаборација во организациите на оперативно и стратешко ниво со сигурност ќе придонесе кон позитивни резултати во „новата нормала“. Ваквиот период потребно е да се искористи за позитивна трансформација со помош на сите расположиви алатки и во тој контекст добриот почеток на позитивна трансформација кај нас мораме да го забрзаме како клучна алка при поддршката на автомобилската индустрија во земјава, а со тоа и локалната економија. – заклучува Мизо.
OhridNews
.