Од исклучително значење за државата е во време на кризата предизвикана од пандемијата на Ковид 19, покрај трудоинтензивните бизниси, да ги поддржува и капиталноинтензивните компании како што е автомобилската индустрија, бидејќи тоа во голема мера ќе влијае на одлуките на светските групации дали и каде ќе продолжат да инвестираат и да отвораат нови работни места. Ова го истакна Виктор Мизо – главен извршен директор на Костал Македонија и претседател на Асоцијацијата на странски компании со технолошки напредно производство во синоќешната дебата на Тв 21 „Click Plus“, во која заедно со вицепремиерот за економнски прашања Фатмир Битиќи и Зоран Јовановски од Стопанската комора дебатираа дали ќе се најдат и за што ќе се трошат парите по ковид кризата, новиот буџет на државата и националната економија.
Оваа помош од државата е исклучително важна кога комуницираме со нашите централи без разлика дали тие се во Европа или во Америка, бидејќи сите овие компании на глобално ниво анализират на каков начин биле помогнати од државите каде што се лоцирани и посткризно врз основа на овие параметри ќе се одлучува дали некоја инвестиција ќе се проширува, односно дали ќе има реинвестирање и зголемување на обемот на работа. – рече Мизо.
Првиот човек на охридски Костал, посочи дека за капиталноинтензивните компании, како што се голем дел од странските инвестиции во земјата, прифатлово е да има и одложено плаќање на оваа помош.
Знаеме во каква состојба е буџетот и во каква кондиција е тој. Дури оваа помош да дојде и идната година самиот факт што државата решила да им помага на компаниите, ќе значи еден голем поттик за ние да можеме да пронајдеме начин реинвестирањето да се случи тука, а не во некоја друга земја каде што имаме наши други компании од нашата групација. – потенцираше Мизо.
Претседателот на Асоцијацијата на странски компании со технолошки напредно производство, посочи дека пред кризата компаниите кои се од автомобилскиот сектор, а тоа се странски компании кои се лоцирани кај нас, придонесувале со повеќе од 50% во извозот на државава и дека тие треба да се поддржат, затоа што во постковид периодот овие компании ќе бидат двигател на економскиот раст на земјата.
Сметам дека не само што треба да ја поддржиме оваа индустрија, не бидејќи работам во неа, туку поради нејзините потенцијали и што таа придонесува, не само во бројот на вработени во Македонија, туку и во додадената вредност и во идниот процес на заздравување на економијата во земјата. – додаде Мизо.
Вицепремиерот Битиќи рече дека се имаaт предвид потребите на извозно ориентираните компании, посочувајќи ја најновата мерка да се помогнат 400 компании со 17,2 милиони евра, но и отпочнатиот процес за усогласување на царинските давачки со тие на ЕУ.
Донесовме автономни мерки со кои ги усогласивме царинските тарифи со ЕУ и притоа го започнавме процесот на трајно решавање на царинските тарифи во нашата држава за да ги усогласиме со тие на ЕУ, затоа што на тој начин странските инвестититори и извозно ориентираните компании во земјата ги правиме поконкурентни на пазарот. – рече Битиќи.
Буџетот за 2021 година кој влезе во Собрание е проектиран на рекордни 4,1 милијарди евра. Вицепремиерот Битиќи истакна дека за прв пат буџетот е развојно проектиран на подолг период, односно има структурен пристап кој го прати предвидениот економски развој во наредните 5 години, што е исклучително значајно за стопанството.
Годинава ќе ја завршиме со рецесија и пад, но сметаме дека покрај дефицитот кој се должи на актуелната состојба, во 2021 година влегуваме во еден циклус и еден поинаков начин на планирање на економскиот развој. Кога имате искушение како пандемијата која се очекува да биде со нас најмалку до половина од следната година, јасно е дека буџетот не може да биде целосно развоен, треба да се пооддржи здравствеото, а потоа и заздравувањето на економијата, но мора да има средства и за евроинтегративните процеси и реформите во правосудсниот систем кои се еден од приоритетите на државата. – појасни Битиќи.
Зоран Јовановски од Стопанската комора истакна дека буџетот е ветувачки и дека е проектиран со поинаков пристап кој се фокусира на клучните аспекти од економијата. Охрабрува конзистентноста во долгорочноста во макроекономските политики и тоа што висок приротет имаат капиталниte инвестиции, при што предвидени се механизми да се одземаат средства од таму каде што не се реализираат и истите ќе се пренасочуваат таму каде што тоа добро се прави. Но, тоа што го загрижува не само бизнисот е правната несигурност, дециден беше Јовановски.
Да имате вие судски предмети кои што траат многу долго, секој ден некоја фирма чека дали ќе го добие судскиот процес, значи пари. Правдата мора да биде меѓу врвните приоритети и ако се направи анкета помеѓу бизнисмените за владеењето на правото мислам дека нема да добиете многу пофални зборови. – рече Јовановски.
Генералниот извршен директор на Костал Македонија Виктор Мизо, пак, апелираше капиталните инвестиции максимално можно да се реализираат. Сигурно ќе има ребаланс на буџетот, но да не бидат капиталните инвестиции кои први ќе се кратат. – порача претседателот на Асоцијацијата на странски компании со технолошки напредно производство.
Г.М.