Македонија треба да го следи примерот на западните земји кои започнаа сериозно да работат на механизми за проверка на корозивен капитал по руската анексија на Крим во 2014 година. Експертите предупредуваат дека по руската инвазија на Украина во февруари годинава, како и ковид кризата претходно, светот повеќе не е ист, и сите земји посветуваат многу поголемо внимание за потеклото на капиталот позади странските инвестиции. Корозивниот капитал влегува во земјата и не доаѓа за да направи добивка, туку за да добие некакво директно или индиректно влијание во одредена земја, а со тоа ја поткопува нејзината сувереност, укажаа експертите од областа на економијата во емисијата Топ тема на телевизија Телма, што се емитуваше синоќа.

Токму заради овој механизам треба да се воведе. Ние сме сега дел од НАТО, ќе бидеме дел од ЕУ, синџирот е силен толку колку што е најслабата алка. Не може ЕУ и НАТО да си дозволат сите да го имаат тој механизам, и сето тоа да биде зашрафено, а само кај нас да биде лабаво. Така што ќе се случи. – рече економистот Зоран Јовановски.

Според Виктор Мизо, генерален директор на Костал Македонија, на краток рок тоа може да изгледа дека навидум биле спречени некои инвестици, но на долг рок ќе знаеме дека тие што ја поминале проверката се конструктивен капитал и доаѓаат за вистинскит епотреби и цели.

Сметам дека во иднина тој систем ќе биде многу порегулиран и поригорозен. Но сакам да кажам дека ова значи прифаќање на одговорноста за иднината на една држава. Некој сега може да аргументира дека ние досега се боревме за толку многу инвестиции да влезат и не беше тој процес лесен, е сега одеднаш ќе го намалиме потенцијалот колку инвестиции би дошле. Јас би рекол можеби квантитетот ќе се намали, но квалитетот на тие инвестиции ќе биде позитивен квалитет и од таа гледна точка, ќе имаме долгорочен просперитет од една страна, наспроти краткорочна добивка, истакна Мизо.

Мизо смета дека Македонија не треба да чека предолго на воведување механизам за заштита од корозивни инвестиции, туку да започне скенирање на сите инвестиции веќе од 2024 година, а потоа системот да се надградува.

САД се првата земја која разработила такви механизми, и денеска се лидери во целиот процес на скринирање и проверка на странските инвестиции кои имаат потенцијал да ја нарушат јавната безбедност. Тие процеси во Европа започнаа да се воведуваат малку подоцна, посочија економските експерти.

OhridNews