Не навлегувајќи во поединечните причини за отпуштање на вработените, генерално сметам дека станува збор за краткорочна стратегија, која не му носи ништо добро ниту на трудот, ниту на капиталот, а во крајна линија нема ништо заедничко со определбите за солидарност и меѓусебна лојалност, вели во интервју за „Независен“ Виктор Мизо, директор на една од најуспешните странски инвестиции кај нас, „Костал Македонија“, со 650 вработени, која е дел од германскиот гигант и која произведува автомобилска и индустриска електроника за најпознатите светски автомобилски брендови. Мизо исто така е и претседател на Асоцијацијата на странските компании со технолошки напредно производство во рамки на Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Македонија и поранешен директор на Дирекцијата за технолошко индустриските развојни зони (ТИРЗ) и на Агенцијата за странски инвестиции и е одличен познавач на економските прилики во земјава и во светот.

Интересно е дека во изминативе три недели го рестартиравме производството за Кина. Имаме искористеност од околу 10 отсто од нашиот капацитет, но го користиме овој период за обука, тренинг и за подобрување на вештините на вработените со цел подготвени да се соочиме со претстојните предизвици. Освен што го намаливме работното време на две скратени смени, а од денес, со новите порестриктивни мерки и само во една смена, работиме и на доадаптација на нашите погони за новите проекти кои доаѓаат во Охрид – полначи (On-Board-Charger) за електрични возила, кој е најсофистицираниот производ во лепезата на производи на „Костал“ групацијата на глобално ниво, како и нови проекти од електроника и мехатроника за електронски – автоматски менувачи (shift-by-wire) за „Ауди“, „Јагуар“ и „Ленд ровер“. Според проекциите засега, влијанието на кризата за оваа година се очекува да биде пад од над 30 отсто од планираниот приход. Но, оваа бројка може дополнително да варира зависно од должината на здравствената криза, како и резултатите од глобалните фискални мерки за поддршка на економиите, пред сѐ во Западна Европа и во САД.

Целиот овој период „Костал Македонија“ во целост ги почитуваше препораките и мерките на Владата, во поглед на ослободување на вработените по различни основи, дезинфицирање на работните простории, набавка на дополнителна заштитна опрема за вработените. Презедовме технички мерки за адаптација и работа од дома, прераспределба на работно време, реорганизација на превозот, одржување на состаноци исклучиво онлајн, а со цел намалување на здравствениот ризик по вработените. Сето ова се сериозни расходни ставки за нас како компанија кои претходно не можеше да се предвидат и да се планираат. – вели Мизо во интервјуто за „Независен“.

Првиот човек на „Костал Македонија“ истакнува дека автомобилската индустрија прва ги почувствува последиците предизвикани од корона вирусот, а најверојатно ќе биде последната која ќе излезе од оваа криза, посочувајќи дека  само во март продажбите во различни земји во Европа падна помеѓу 40-85 проценти, додека во САД тие бројки беа околу 30 отсто, но за април се очекува речиси целосно запирање на побарувачката.

Што се однесува до владините мерки за ублажување на кризата и странски компании во и надвор од слободните зони, Мизо укажува дека сега треба да се размислува не само како да се помогнат овие компании да ги одржат работните места, туку и преку измена на нивните договори да се реализираат инвестициските планови, земајќи го во предвид влошувањето на состојбата на пазарот, особено во автомобилската индустрија.

Целото интервју на Виктор Мизо може да го прочитате во онлајн изданието на „Независен“.

OhridNews