Во насока на зајакнување на кадровските капацитети и унапредување на активностите за поддршка на странските инвеститори во земјава, на пленарна седница на Собранието на Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Северна Македонија беше избрано ново раководство кое ќе го води Советот во мандатен период од две години.

За престедател на Советот беше избран Виктор Мизо од Костал Македонија, додека Никола Љушев од Македонски Телеком и Волфганг Мајер од ЕВН Македонија се избрани за потпретседатели, генерални директори и искусни менаџери во едни од најреномираните компании во нашата земја.

Во насока на поефикасно претставување и застапување на странските инвеститори во земјава, организирани во Советот на странски инвеститори, согласно Правилата за работа и организација на Советот, избран е и нов состав на Управниот одбор, кој брои 12 члена, со што се обезбедува покриеност на компании со странски капитал од повеќе различни сектори.

Како и досега и во наредниот период, приоритет на новото раководство ќе биде Советот да земе активно учество во процесите за создавање подобро деловно опкружување и подобрување на условите за водење бизнис во земјата преку предлагање мерки и препораки за креирање на најдобри можни решенија кои ќе донесат одржлив и побрз економски развој, но и за поголема атрактивност на земјава за задржување на постојните и привлекување нови инвеститори, информираат од Стопанската комора.

Динамичната промена на економските околности и на условите на стопанисување, велат, непосредно влијаат и на динамиката на активностите на Советот на странски инвеститори.

Во таа насока, перманентното и континуираното следење и анализирање на економските состојби во земјата, врз основа на што ќе се преземаат и предлагаат и мерки за подобрување на инвестициската и деловната клима во земјата и натаму ќе претставува една од приоритетните активности на новото раководство на Советот на странски инвеститори во наредниот период, како дел од неговите стратешки определби за функционално делување, потенцираат од Стопанската комора.

Инаку, на седницата присуствуваа претставници на над 40 компании – членки на Советот.

OhridNews