Веб сајтот Викиликс објави тајни документи во кои се споменува и македонско-грчкиот спор за името, јавува „Макфакс“.

Во документите се говори за средба остварена помеѓу американски и француски дипломати кои зборувале за Македонија и заклучиле дека „доколку меѓународната заедница може да ја убеди Македонија да ја напушти идејата за референдум и да ја убеди Грција да ја напушти намерата да се менуваат пасошите, тогаш може да се случи прогрес во преговорите“.

Францускиот претставник, изразил оптимизам дека новата грчка влада ќе биде „по стабилна“ и ќе дозволи поголема флексибилност за прогрес во грчко-македонскиот спор за името, стои во документите.

„Американскиот претставник (во документот именуван како Гордон) се согласил дека или постабилна конзервативна влада или социјалистичка влада ќе биде посилен, пофлексибилен партнер во преговорите за спорот за името. Тој изразил надеж дека доколку меѓународната заедница може да ја убеди Македонија да ја напушти идејата за референдум и да ја убеди Грција да ја напушти намерата да се менуваат пасошите, тогаш може да се случи прогрес во преговорите“, пишува во документите објавени на Викиликс, сајтот кој денеска повторно го потресе светот со објавувањето на илјадници страници тајни документи.

И покрај хакерските напади врз Викиликс, веб страната објави неколку илјади доверливи документи преку весниците „Гардијан“, Њујорк Тајмс“, „Дер Шпигел“, „Ле Монд“ и „Ел Паис“. Меѓу објавените се и документи во кои се наведуваат приватните импресии на американските амбасадори и за светските лидери.

OhridNews
извор:“Макфакс“