Претставници на СВР Охрид, медиумски работници и спортисти, во недела, 13-ти мај, со симболична рекреативна трка ќе го најават големиот атлетски настан „Охрид ТрчаТ“, кој оваа година носи бројни новини и изненадувања за учесниците, кои според најавите ќе ги има во значително поголем број од премиерното издание што се одржа минатата година.

Како што дознаваме, на утрешната рекреативна трка ќе учествува дел од раководството на СВР Охрид, новинари и медиумски работници од локални, регионални и нацинални медиуми од градот и членови на организациониот одбор на спортската манифестација „Охрид ТрчаТ“. Тие под полициска придружба ќе минат дел од патеката каде ќе се одвиваат главните трки на „Охрид ТрчаТ 2018“ на 5 и 10 километри, што ќе се одржат на 3-ти јуни. За таа потребите на спортскиот настан организаторот изработи специјална сообраќајна студија, според која се трасира патеката каде ќе се одвиваат трките.

Претходно на 19-ти мај, за прв пат во Охрид, ќе се одржи и ноќна трка која исто така е дел од манифестацијата „Охрид ТрчаТ“.

Во меѓувреме, на социјалните мрежи и медиумите тече голема кампања за атлетскиот хепенинг „Охрид ТрчаТ“ на која со креативни видеа се приклучија познати јавни личности и компании.

Спортскиот хепенинг „Охрид ТрчаТ“, за кој постои огромен интерес не само во градот и земјата, туку и во регионот, го стави Охрид на светската мапа на градови со трки и ја збогати туристичката понуда, со оглед на тоа што ваквите настани се магнет за пасионираните љубители на трчањето кои патуваат насекаде низ светот посетувајќи дестинациии каде се организираат масовни трки.

OhridNews