Долго очекуваниот туристички шпиц што започна викендов, на површина ги исфрли старите проблеми на Охрид. Градот со децении мака мачи со сообраќајната инфраструктура која ни од далеку не одговара на потребите на најголемиот туристички центар. Колони возила вчера заглавија во сообраќајниот метеж на патот кон охридските плажи. Што подалеку тоа полошо, повеќе време ви треба да стигнете, но уште повеќе да се вратите од плажа.
километарска колона кон Охрид
Кон плажите тесно грло кај Лагадин, закочен сообраќај кај Градиште. За враќање километарски колони од Свети Стефан до семафорите кај мини маркетот, а ништо подобро не беше ниту од Градиште до Метропол. Вчера од подалечните плажи до Охрид се патуваше со часови, речиси исто колку до Скопје.
полицијата немоќна
Во гужвата во автомобилите на плус 40 на сонце народ нервозен, мали деца, странски гости. Домашните кои со години гледаат иста слика во Охрид веќе и не реагираат навикнале, а странците се чудат. Од сето ова ќар имаат само таксистите бидејќи ионака скапиот таксиметар им работи екстра во гужвата.
До Охрид се стигнуваше бавно
Не дека не знаат, но се надеваме дека овие слики ќе ги натераат градските власти сериозно да се зафатат кон реализација на некој од силно најавуваните проекти кои биле како што сами ги нарекуваат, клучни за развој на туризмот. На пример соодветно решавање на патниот правец Свети Стефан-Свети Наум, пристапите кон хотелите и туристичките населби, изградбата на источната магистрала кон Битола, комплетното реконструирање на Туристичка, Железничка и зголемување на паркиралиштата. Во спротивно некој ќе треба да им објасни на гостите што доаѓаат во Охрид зошто до и од плажа патуваат со часови, како и ред други нелогичности бидејќи, освен цените малку работи во градов ни се на нивото на големите туристички центри во светот со кои сакаме да се споредуваме. Се запрашал ли некој сериозно што всушност ние нудиме за тие цени?
Горан Момироски