За време на претстојниот продолжен викенд, активистите за бездомните животни, кои се дел од регистирани здруженија, ќе добиваат дозвола два часа дневно во услови на ограничено движење да можат да ги нахранат и да се грижат за бездомните животни, одлучи националниот Кризен штаб на состанокот одржан денеска.
За таа цел, секое регистрирано друштво за заштита на правата на животните, потребно е до 16-ти април, најдоцна до 12.00 часот, до Град Скопје, а за здруженија регистрирани во другите градови до општинскиот кризен штаб, да достави пополнет образец, за најмногу пет членови од здружението.
Сите пристигнати обрасци, Град Скопје и општинските кризни штабови ќе ги доставуваат до Министерството за информатичко општество и администрација, од каде барањата за дозвола ќе бидат испроцесирани, и дозволите ќе бидат испратени на маил адресата на секој барател посебно. Дозволите ќе бидат со важност за 18-ти, 19-ти и 20-ти април.
Министерство за информатичко општество и администрација
Од МИОА информираат дека постапката ќе се повторува за секој нареден викенд се додека трае вонредната состојба. Ова значи дека секој нареден петок до 12.00 часот, здруженијата за заштита на правата на животните ќе треба да достават пополнет образец до општинските кризни штабови.
СВР Охрид, пак, денеска информираше дека граѓаните кои доставуваат барање за дозвола за движење за време на полициски час посебно за време на викенд, поради потреба од дохрана на кучиња кои ги чуваат на друг имот и надвор од својот дом, тоа можат да го направат во времето од 08 до 09 часот наутро или од 17 до 18 часот попладне. За таа цел потребно е тие во нивните барања точно и прецизно да го наведат местото и времето во кое ќе сакаат да го остварат ова право, соопшти СВР Охрид.
OhridNews