Потпретседателот на бугарското Собрание, Кристијан Вигенин денеска ги повика властите и партиите во земјава да се воздржат од изјави кои не водат кон решавање на проблемите меѓу Северна Македонија и Бугарија.
Ги повикуваме властите во Северна Македонија, како и водечките политичари и партии, да се воздржат од изјави и постапки кои не водат кон решавање на проблемите, туку до неприфатлива ескалација, која долгорочно може да го влоши дијалогот меѓу двете земји, изјави Вигенин, кој е потпретседател на Бугарската социјалистичка партија (БСП).
Тој најави дека неговата партија ќе инсистира за инцидентот од четвртокот во Охрид да бидат информирани Советот на Европа и Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ).
Настаните од последните денови во односите меѓу Северна Македонија и Бугарија ја потврдуваат исправноста на ставот на БСП да не поддржи укинувањето на ветото за преговорите за членство на Република Северна Македонија во Европската Унија, изјави Вигенин на брифинг со новинарите, по одолжувањето на точката од дневниот ред на денешната седница на бугарското Собрание по која требаше да се расправа за односите на Софија со земјава.
Расправата, иницирана од националистичката партија Преродба и на собраниската Комисија за политики за Бугарите во странство, беше одложена затоа што на седница не дојде шефот на бугарската дипломатија Николај Милков, поради, како што беше соопштено, службено патување надвор од државата.
Милков вчера во обраќање на состанок на министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ во Брисел, говорел за најновиот развој на настаните во односите меѓу Северна Македонија и Бугарија.
Како што соопшти бугарското МНР, Милков ги информирал своите колеги „за влошената состојба во Република Северна Македонија во однос на граѓаните на земјата со бугарско национално чувство“, со акцент на „тешкиот инцидент со претепувањето на Кристијан Пендиков во Охрид“.
Милков, при тоа, изразил жалење што овој „сериозен инцидент е дел од повеќето слични настани во последните месеци со антибугарски карактер“.
Беше нагласена потребата Скопје активно и целосно да се заложи за заштита на правата на Бугарите во земјата, како и за исполнување на обврските преземени во рамките на процесот на европска интеграција на земјата, се додава во соопштението на бугарското МНР.
Шефот на државата Стево Пендаровски вчера по завршувањето на седницата на Советот за безбедност, на која се разговараше за најновиот развој на настаните во односите се Бугарија, најави дека Советот ќе предложи до Владата да се забрани влез во земјава на еден европратеник и неколку други лица, бидејќи постојат сомневања дека дека дел од овие лица се поврзани со руската разунавачка служба.
Претседателот на државата рече и дека се очекува на 4 февруари организирана група од Бугарија да пристигне во земјава на одбележување на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев. Групата, како што посочи Пендаровски, ќе има цел нарушување на безбедноста и дестабилизација на земјата и на односите со Бугарија. Претседателот додаде дека ќе бидат преземени сите потребни безбедносни мерки од границата, се до гробот на Гоце Делчев.
Бугарскиот европратеникот Ангел Џамбаски, пак и денеска продолжува со провокациите на адреса на Северна Македонија. Тој денеска на Фејсбук објави: „Македонија била и е бугарска. Северна Македонија е нешто друго – тоа е заслуга на Тито. Со забрани за влез во земјата, нема да ја избришете вистината“.
Џамбаски неодамна беше во Скопје, на одбележување на панихидата за Мара Бунева, при што упати провокативни пораки за територијални претензии и изјавувајќи дека македонските политичари се „србомани кои вршат геноцид врз Бугарите“, а земјава ја нарече „бугарска“.
Бугарското МНР тогаш се огради од ваквите ставови и нагласи дека тие не кореспондираат и не се став и на Бугарија како држава.
OhridNews