Шок и неверување владее помеѓу жителите на населбата Видобишта по монструозното убиство на 30-годишниот Александар Ангелески. Полициски екипи претпладнево го претресуваа домот на семејството Ангелески и трагаа по докази кои треба да им помогнат во расветлување на грозоморното убиство.


Во населбата главна тема на разговор денеска беше трагичниот настан. Соседите изразија жалење за изгубениот млад живот неверувајќи, како што рекоа, дека убиениот бил ѕверски распарчен. Граѓаните со кои разговаравме кажаа дека Александар бил повлечен млад човек, немал постојана работа, а по смртта на неговиот татко пред околу две години претрпел големо разочарување и почнал да пие. Неговото семејство според кажувањата на соседите било сиромашно и живеело повлечено. Досега тие не забележале поголем проблем, и како што рекоа, ништо не навестувало дека може да се случи нешто вакво.


Во полициската станица во Охрид денеска продолжи распитот на членовите на семејството на убиениот, а на местото каде беа пронајдени остатоците од телото на жртвата специјални полициски екипи детално го пребаруваа теренот во потрга по докази кои треба да помогнат да се расветли убиството.

ohridnews