Состојбата со насилството над децата во нашата земја е повеќе од алармантна. Насилствата врз децата стануваат секојдневие.Тие се тепани, злоставувани, злоупотребувани.Ова се дел од предупредувачките пораки на Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ која денеска на прес-конференција ќе обелодени неколку случаи на физичко насилство врз деца кои се обратиле на СОС телефонската линија за деца и млади и до бесплатната правна служба на амбасадата.
„Со намера да ги охрабриме децата, родителите, соседите, најблиските, да не молчат за насилството и истото го пријавуваат, започнуваме со кампањата „Види, слушни, кажи”. Воедно, намерата е да влијаеме и на создавање поодговорно родителство и да ја подигнеме свеста околу потребата за поддршка и помош на децата, затоа мотото на кампањата е „Родителите кои ги тепаат своите деца сакаат да го сокријат тоа“, велат од „Меѓаши“.
Кампањата е дел од меѓународниот проект „Детство без насилство – кон подобар систем на детска заштита во Источна Европа“ кој во Македонија го реализира Првата детска амбасада во светот, во партнерство со Фондација Ничии Деца, а со поддршка на АВА ДДБ, Акцент медиа, Дата Понс, Лазов Груп, Дневник, Вест и Време.
Првата детска амбасада во светот МЕЃАШИ загрижена од тешката состојба во која се наоѓаат за жал, голем број деца, контуинарано спроведува активности со кои се залага за поефикасна заштита и остварување на детските права. Амбасадата реагира, алармира, бара построги казни кон сторителите на насилство и силување на деца.
„Кога регистрираме насилство или се прекршени правата на децата се обраќаме до Народниот правобранител, Јавниот обвинител, Центрите за социјална работа, министерствата, полицијата и училиштата“, велат оттаму и потсетуваат дека податоците од СОС телефонот за деца и млади 0800 1 2222 покажуваат рапиден раст на насилството врз децата (повеќе од 17300 повици за овие 15 години).
Во 2008 година, од вкупно 251 јавувања, на повиците поврзани со злоупотреба и насилство врз децата, заклучно со октомври, процентот изнесува 32,5%, додека во 2007 тој изнесувал 13,4 %.
Ohridnews