Чествувањата по повод празникот Богојавление – Водици започнаа утрово во 7 часот со богослужби во охридските парохиски цркви. Литиите од трите цркви „Св. Никола- Геракомија“, „Успение на Пресвета Богородица – Каменско“ и „Св. Георги“ од Горна Влашка Мала се сретнаа на плоштадот Св. Климент Охридски и се упатија на пристаништето.

Според предвиденото, во 10 часот од Светилникот на пристаниште Дебарско – кичевскиот митрополит Тимотеј го положи Светиот крст во водите на Охридското Езеро.

По положување на крстот и осветување на езерската вода, точно напладне кај месноста „Сараиште“ ќе се одржи и традиционалното свето крштевање на сите луѓе кои сакаат да се крстат.

По чинот на Богојавленскиот водосвет, околу пладне, на градскиот плоштад „Свети Климент Охридски“ предвидена е забавна програма за посетителите, со концерт на групата „Некст тајм“. Во Центарот за култура „Григор Прличев“, во организација на Црвен Крст од 9 до 15 часот се одржува традиционалната крводарителска акција.

OhridNews