Владина комисија ја истражува несреќата кај Скребатно
Првичните резултати од истрагата за несреќата во која животот го загубија четири лица се очекуваат кон средината на идната недела, а дотогаш нема да се соопштуваат детали од истрагата, ни изјавија членовите на комисијата.Тие разговараа со повеќе очевидци и вршеа реконструкција на падот на авионот. Со дел од очевидците екипата на Ohridnews разговараше непосредно по трагедијата. Тие истакнаа дека авионот летал ниско и дека при падот се обидувал да ја одбегне толпата со што е спречена поголема катастрофа.
Според Агенцијата за цивилно воздухопловство , првичните индиции за можните причини за несреќата, во која загинаа четири лица, укажуваат на тоа дека пред падот на водухопловот, не биле забележани физички оштетувања, (чад, пламен) и аномалии на авионот, ниту пак звукот на моторот укажувал дека нешто не е во ред со леталото. Авионот пред несреќата летал до 50 метри над земја, иако од Контролата на летање му било одобрено изведување на лет во висина од 300 метри, се вели во соопштението на Агенцијата. Наредната недела ќе бидат познати и официјалните резултати од обдукцијата на пилотот, а се очекува да почне и вештачењето врз остатоците од авионот што ќе се изврши во Скопје.П окрај ова ќе се проверува и разговорот помеѓу пилотот и контролорите на летање чија стручност исто така ќе биде ставена на проверка.
Во авионската несреќа, загинаа пилотот на авионот Славчо Георгиев од Скопје и неговите сопатници Ѓорѓи Ристески(60), Јонче Савески(28) и Гоце Тасески(25), сите од Охрид. Ристески и Тасески вчера беа погребани на градските гробишта во Охрид, а телото на Савески ќе биде погребано денеска.