Утре во 10 часот почнува 36-тото издание на Охридскиот пливачки маратон на патека Климе Савин во должина од 25 километри. Стартот на маратонот е Свети Наум, а целта е на Кеј Македонија. Учество ќе земат 15 пливачи од шест држави, Аргентина со двајца пливачи, Италија со тројца, Турција со двајца, Холандија и Франција со по еден пливач и домаќинот Македонија со шест пливачи.
Во женска конкуренција учествуваат шест пливачи, а во машка девет. Наградниот фонд изнесува 12 илјади евра распоредени за прво место 2500 евра, второ место 1500 евра и трето место 1000 евра.
Новина оваа година се два летечки спринта со награда од по 500 евра во машка и женска конкуренција. Прогласувањето на победниците и доделувањето на наградите ќе биде истиот ден во дворот на хотелот Палас со почеток во 20 часот. Во програмата на Охридскиот пливачки маратон е и младинската работилница на Програмата за развој на Обединетите нации и СОСУ „Св. Кирил и Методиј“ која започнува во 14 часот на Кеј Македонија, рече Ристе Јанкоски, координатор на организациониот одбор на Охридскиот пливачки маратон, на денешната одржана прес конференција.
Во однос на културно-уметничката програма, додаде Јанкоски, во 20 часот во предворјето на хотел Палас по доделувањето на наградите ќе настапат КУД „Отекс“ кои годинава бележат јубилејни 40 години од своето постоење, по што следи настап на Ансамбл „Билјана“. Публиката ќе може да ужива и во вкусот на македонската традиционална храна на Слоу Фуд.
Градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков истакна дека со оглед на тоа што минатата година беше реализирано за натпреварувачите се тоа што беше ветено од награден фонд, до сместување, превоз, оваа година придонесе за зголемување на квалитетот и бројот на натпреварувачи.
Ќе има и дополнителни работи, на контролните пунктови или бови каде што ќе пливаат пливачите ќе бидат наградени соодветно на тоа кој ќе го помине прв, втор или трет контролниот пункт зошто сметаме дека подобро е да има натпреварувачки дух по целиот тек на патеката отколку да се плива одредено темпо и да завршуваат на крај во фотофиниш. Секоја година ќе има новитети и искрено се надевам дека следната година ќе биде сериозен исчекор напред и во однос на квалитетот на пливање и во тоа што сакаме да го направиме. Чест ми е што Охридскиот маратон го направивме да биде круна на еден сосема нов концепт на Фестивалот на водени спортови и кадешто ние како локална самоуправа целосно застанавме зад овој проект и едноставно самиот настан Охридскиот пливачки маратон, традицијата, 36-тото издание и 61 година од почетокот на одржувањето на маратонот како манифестација го заслужува епитетот круна на Фестивалот на водени спортови. Наша работа е како локална самоуправа и поддржувачи и главни организатори на самиот настан заедно со организациониот одбор од година во година да растеме, како на организационо ниво, така и на пливачки кавалитет, додаде Пецаков.
Македонската пливачка легенда Томи Стефановски на кому му беше вчера врачена спортската награда „Климе Савин“ за 2023, како дел од организацијата изминативе две години, потенцираше дека годинава нивото на Охридскиот маратон е подигнато повисоко во поглед на квалитетот на учениците на истиот.
Во машка конкуренција ни доаѓа третиот од Светското првенство во Анжу, италијанецот Алесио Очипинти, победник на Капри Наполи маратонот минатата година, доаѓа холанѓанецот Марсен Шоутен кој е четврти на Европското првенство, победник на Капри Наполи и ФИНА десет километри маратонски трки. Во женска конкуренција ја имаме французинката Каролин Жуис, европска првакиња, аргентинката којашто е победник на маратонот во Робервал, имаме од Турција млада девојка многу добар базенски пливач. Оваа година се подигна нивото на Охридскиот маратон. Овие две години се создава една екипа со која може да се работи на некои поголеми работи. Овој прекрасен град и Охридско Езеро треба да ги направиме центар на светското маратонско пливање, додаде Стефановски.
Организатор на Охридскиот пливачки маратон е Општина Охрид во соработка со Националната пливачка федерација и Агенцијата за млади и спорт, додека технички организатор е Клубот за спортови на вода „Охридски бранови“. Во организацијата на маратонот ќе бидат вклучени и претставници на Капетанија Охрид, Езерската полиција Охрид, СВР Охрид и Црвен крст Охрид.
Н.С.Ј.
Видео. Б. Стојаноски