36. Поетска ноќ во Велестово ќе биде отворена вечерва од 21 часот на сретсело во Велестово со „Езеро“ ‒ мал музички концерт на хрватската кант-авторка Нина Ромиќ во придружба на Јелена Галиќ.
Од годинава, за наредниот 4-годишен циклус имаме неколку концепциски промени, истакна на денешната прес конференција програмскиот директор на фестивалот, Јулијана Величковска.
Имено, наместо преку беседа, творештвото не поетот во фокус ќе биде претставувано преку разговор, во дослух со современите трендови. Исто така, се воведува настанот „Поетско интермецо“ преку кој странските поети ќе имаат можност да читаат и пред публиката во Велестово, а не само во Охрид, потенцираше Величковска.
Вечерва на програмата по концертот ќе следат поетскиот портрет на Елизабета Баковска, а потем и настанот „Поетско интермецо“, а истата ќе биде затворена со изложбата на фотографии „Паметници на заборавот“ од Сашо Димоски, во тремот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“. Автор на постерот за годинешното издание е Андреј Павлов.
Голема е честа и одговорноста да бидам дел од фестивалот кој има голема доверба и традиција на која настапувале многу имања од македонската поезија, рече Баковска.
Во интернационалната програма ќе гостуваат поети од шест земји, и тоа: Велика Британија, Ирска, САД, Хрватска, Србија и Македонија.
Се радувам и едвај чекам да се запознаам со другите автори и поети. Одушевен сум од тоа како актерите кои се ангажирани ја читаат поезијата на странските поети. Се радувам и уживам во погледот, на прошетките во рамки на фестивалот. Се чувствувам добредојден и фестивалот е добро организиран, рече Патрик Котер.
На 17 август со почеток од 19 часот во кафе и бар „Шила“ во Охрид ќе се одржи интернационалното поетско читање „Мозаик“ на кое ќе настапат: Патрик Котер (Ирска), Фиона Сампсон (Белика Британија), Иван Херцег (Хрватска), Марко Ѓорѓевиќ (Србија), Минг Ди (Кина/САД), Елизабета Баковска, Владимир Мартиновски и Христина Цветаноска од Македонија, а по читањето, публиката ќе има можност да ужива во уште еден настап на Нина Ромиќ и Јелена Галиќ.
Фестивалот ќе заврши на 18 август со организрано разгледување на културно-историското наследство на градот Охрид и природните убавини на планината Галичица, придружено со неформални поетски читања.
Фестивалот го овозможија Министерството за култура, Општина Охрид, Традуки и Комерцијална банка АД Скопје, а негови помагатели се Хрватското друштво на писатели (ХДП), кафе и бар „Шила“ од Охрид, Пелистерка АД Скопје, вила „Сансет“ од Велестово, ресторан „Домаќинска куќа Велестово“ и пицерија „Немо“ од Охрид.
Н.С.Ј.
видео. Б. Стојаноски
фото. А. Момироска