По барање на претседателот на државата Стево Пендаровски, а како резултат на заклучоците од лидерската средба, Комисијата за заразни болести го дефинира протоколот за спроведување на изборниот процес за време на кампањта и за време на гласањето. Овој протокол мора да се спроведе во текот на изборниот процес, изјави министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес конференција.

Протоколот произлегува од генералните препораки за заштита на граѓаните од ковид-19 и со него прецизно е регулиран начинот на спроведување на кампањата, организацијата на собири и начинот на гласање.

Според Комисијата за заразни болести, активностите на партиите треба да се одвиваат исклучително со физичка дистанца од два метри, маска и дезинфекција на рацете. Притоа препорачливо е да се користат разгласни уреди за да нема голема концентрација на граѓани. При кампањата „врата на врата“ треба да се почитуваат мерките, да не се влегува во домовите, активноста да се реализира пред врата или во дворот од куќата.

Партиските активности, кога може да се одржуваат на отворено, а во затворено да траат само два часа по што треба да се изврши целосна дезинфекција на просторот. При партискиот превоз на симпатизерите, во возилата да нема повеќе од 50 % од капацитетот на бројот на седишта и внатре да се носи заштитна опрема.

На денот на изборите членовите на гласачките одбори да бидат со маски и ракавици, просторијата да биде постојано проветрена, на влез и на излез гласачите да ги дезинфицираат рацете и внатре да нема повеќе гласачи од број на гласачки места. Се препорачува и зголемување на времето за гласање од два часа.

Протоколот денеска ќе биде пратен до премиерот и до претседателот на државата.

OhridNews