Охриѓани и туристите и годинава ќе можат да уживаат во квалитетното вино, закуските и одличниот избор на музичките перформанси. Охридскиот фестивал на виното започнува утре и ќе трае до 29 јуни.

Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, на денешната прес-конференција по повод манифестацијата истакна дека со Вино фестот практично се означува и почетокот на летната туристичка сезона пред која претстојат безброј настани.

Имавме повеќе од успешни две изданија на Вино фестот во Охрид и по бројот на посетители и по начинот на којшто секој еден кој беше присутен уживаше. Пред третото издание сме на почеток на туристичката сезона и како локална самоуправа целта ни е со дополнителни настани надвор од шпицот на сеозната да привлечеме повеќе туристи. Ваков ист концепт има и Фестивалот на водата на крајот на туристичката сезона, кој ќе има и спорски, едукативен и забавен дел. Од минатата година го имаме и Џез фестивалот организиран од страна на Општина Охрид, така што има доста настани во кои како локална сме вложиле и сметам дека градот тоа го заслужува. Покажуваме една сосема друга слика која низ годините беше создавана за Охрид, посочи Пецаков.

Пане Темов од „Крафт Продукција“, организатор на настанот, вели Фестивалот оди во правецот кој бил замислен.

Сакаме да стане регионален Вински фестивал. Сигурно стигаме на едно убаво ниво со тоа што секоја година има се повеќе винарии и типови на вина. Фестивалот и оваа година ќе има богата музичка програма зачинета со македонски артисти. Секој ден ќе има по еден охридски бенд, сакаме да ја поддржиме охридската сцена на музички артисти, истакна Темов.

На отварањето на фестивалот утре на сцената ќе настапат Backdoor band, Миле Кузманоски и „Куку леле“. Вториот фестивалски ден на 28 јуни, петок, е резервиран за Urban planet, Next time и Brass brothers, додека во рамки на третиот фестивалски ден на 29 јуни, сабота, за забавата ќе бидат задолжени „Балканико“, „Ареа“ и Влатко Лозановски.

Покрај охридските бендови, како новитет годинава е настапот на стенд ап комичарите Никола Тодороски и Стрезо Стаматоски кои ќе имаат настап секој ден и тројца диџеи од Охрид. Буквално македонски изведувачи за повеќе од квалитетен Вино фест во Охрид, додаде Пецаков.

Фестивалот на виното ќе се оджри на Кеј Македонија, пред хотел „Палас“. Покровител на овој тридневен фестивал е Општина Охрид, а истиот е организиран од „Крафт Продукција“.

Н.С.Ј.

фото/видео. Б. Стојаноски