Актерската екипа на Народен театар Охрид под режисерската палка на Сашо Миленковски премиерно пред охридската публика утре ќе ја изведе претставата „Чекајќи го Годо” од Семјуел Бекет.
„Чекајќи го Годо” е едно од клучните драматуршки дела на XX век, вели режисерот Миленковски на денешната прес конференција.
Со овие прекрасни актери сакаме да свртиме внимание на изворната сила на театарот. Во прашање е смисолот за животот. Чекањето е двострана работа, надежта е ирационален концепт. Тој што нема надеж не чека ништо и клучот е во надежта. Во моментот Охридскиот театар има толку силна екипа, одговорни кон себе и публиката и мислам дека се воздигнавме со овој проект во перцепирање на стварноста и живеам во надеж дека тоа ако го споделиме со вас сме направиле многу, вели Миленковски.
Ликот на Владимир во претставата го игра Стрезо Стаматоски, кој вели станува збор за класичен текст во современата драматургија.
Главниот глагол на дејствието на овие два лика, Владимир и Естрагон, кој го игра Никола Тодороски, им е чекањето. Богата претстава и со голема симболика. Владимир е практично претставник на тоа што е платонско, мисла, рација и е во спрега цело време со таа догма која можеби на моменти ја наметнува религијата. Едно е јасно дека тој не може без Естрагон, а истовремено неможе ни да го поднесе. Тука излегува зависноста еден од друг и траги комичноста. Единствениот лик во претставата е кој има чувство за линеарно течење на времето во претставата. Им препорачувам на младите да дојдат да ја погледнат, вели Стаматоски.
Се работи за класично дело кое јас и Стрезо цел живот сакавме да го изиграме, ликовите ни беа предизвик и спонтано желбата ни се реализира, вели Тодороски.
Претставата има и сериозна и комична нотка. Буквално е нешто како предизвик кој ни се случува во животот, но ние не го забележуваме. Фактот дека тие двајца ликови чекаат, а немаат мобилен во моментот, соочени се со самите себе си. Се она што им се случува и времето и просторот немаат милост кон нив, бидејќи тоа што им се случува се повторува до бескрај и нема бегање од темата. Темата на чекање е многу добро позната на македонскиот народ. „Чекајќи го Годо “е безвременска претстава, додава Тодороски.
Ако воопшто може да се окарактеризираат некои од ликовите во оваа драма, антагонистот кој го толкувам јас ја претставува тоталитаристичката моќ, власта која е безвременска. Тој е оној кој гази се пред себе и е тука да покаже дека моќта е безвременска, вели актерот Филип Кипровски.
Конечно на репертоарот на Народен театар Охрид се постави дело коешто излегува од рамката на која охридската публика беше научена дека репертоарската политика воглавно е комедија. Публиката ќе има можност да проследи дело кое е стожер на една театрологија и треба да биде почесто поставувано во рамки на репертоарската политика на секој еден театар. Треба да почнеме да не го гледаме театарот како средство за релаксација, туку и како средство за едукација, вели актерот Павел Маслов.
Дизајнерот на сцена, костими и рекламен материјал, Владимир Симоновски објаснувајќи ја сценографијата вели „Чекајќи го Годо“ е нешто кое го објаснува чекањето, а низ претставата може да се доближиме низ апсурдот на вербата.
Сценографијата е едноставна две врати искршени над нас, двете врати на пеколот кој Христос ги крши и го појаснува воскресението. Постоењето на дрвото како центар на сценографијата не е на самата сцената, но е поставено надвор пред салата. Сите ја чекаме нашата иднина и таа е фактички сеќавање на иднината, зошто ние сите сме всушност дрвја, на коишто коренот ни е во иднината, а гранките ни се во сегашноста. И затоа се сеќаваме на иднината и ја чекаме иднината, вели Симоновски.
Премиерата на претставата е закажана во 20 часот, а карти по цена од 250 денари може да се купат на билетарата при Центарот за култура.
Н.С.Ј.
видео. Б. Стојаноски